Алијанса на Села за случајот со црквата во с. Галате: ВМРО-ДПМНЕ поттикнува тензии и дестабилизација

од Nikola Popovski
826 прегледи

Крилото на Зијадин Села од Алијанса на Албанците реагираше по обидот на десетина граѓани да се сретнат со градоначалникот на општина Врапчиште, Исен Шаабани и да добијат објаснување околу прекинот на работите на уредувањето на дворот околу црквата Св. Петка. АА ги нарекува овие протести политички мотивирани за создавање меѓуетнички и меѓурелигиски тензии во земјата од страна на актуелната влада.

„Поттикнувањето на моноетничката и антиалбанската влада да поставува крстови и цркви во секое населено место, узурпирање на јавен имот и без потребната дозвола и документација, е еден од најопасните облици што им наштетуваат на меѓуетничките односи и предизвикуваат тензии во земјата.

Откако градоначалникот Шабани и општинскиот инспекторат ги прекинаа незаконските работи и узурпацијата на земјиштето кај црквата во Галате, ВМРО-ДПМНЕ мобилизираше милитанти од Гостивар и го блокираше објектот на Општина Врапчиште, заканувајќи се и загрозувајќи го градоначалникот на општината“, обвинуваат од опозициската партија.

Од редовите на Села прашуваат „дали ова е уште еден доказ дека премиерот Христијан Мицкоски и неговите партнери сакаат сценарија за дестабилизација по секоја цена?“.

АА објави и дека извесен Душко Павловски бил еден од главните организатори за, како што велат, упадот во општината, по што тој и уште едно лице биле уапсени од полицијата.

„Она што треба да ѝ се разјасни на јавноста е каква била поврзаноста и улогата во ова сценарио на Арбен Таравари и неговиот наследник на чело на општина Гостивар, Валбон Лимани. Павловски објавил фотографија на која се гледа блискоста што ја имаат и јасно се гледа дека станува збор за цврсти односи меѓу двете лица. Во меѓувреме, блиската врска меѓу Таравари и Павловски одамна е познат факт за гостиварци“, велат од партијата на Села, објавувајќи фотографија од Павловски и Лимани.

Слични содржини