Анализите покажуваат дека загадениот воздух е главната причина за смртта кај секое деветто новороденче во Македонија. На прашањето кои се препораките од УНИЦЕФ како да се поправат овие податоци, претставничката на агенцијата на ОН во Македонија, Лесли Милер вели дека покрај општите препораки за префрлување кон чиста енергија и обновливи ресурси, исто така има препораки за локално делување, односно внатре во семејството, како и во училиштата.
-Родителите да можат да го следат квалитетот на воздухот, да бидат свесни за различни болести, како пневмонија, вакцинација и слично, да имаат препораки за прочистување на воздухот.
Ова треба да се работи заедно со локалните власти и Министерствата за образование и здравство, рече меѓу другото, Милер.
Таа е децидна дека најмладите мора да се заштитат, со оглед дека, како што рече, загадениот воздух е голем проблем во Скопје.
Вчерашниот објавен извештај наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азијa“ покажува дека во земјава, ризиците од загадениот воздух се особено високи.
Во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината. Според новите податоци, освен што претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, загадувањето на воздухот ни одзема повеќе здрави години од животот во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови.