Dacia објави дека започнала со т.н „доброволни отпуштања“, а сето тоа поради реорганизација на компанијата, која ќе започне на 1 октомври.
Имено, програмата за доброволно отпуштање се заснова на тоа што на работниците им се исплаќа одреден паричен надоместок пропорционален на нивниот стаж. Работниците кои сакаат да се пријават за оваа програма ќе имаат можност тоа да го сторат до 20 септември, пренесе „Кликс“.
Според информациите испратени до работниците на Dacia, најмалку добиваат лицата со двегодишно искуство, па ќе им бидат исплатени околу 4.500 евра. Оние кои работеле од 12 до 16 години ќе добијат околу 30.000 евра. Најмногу ќе добијат вработените со 16 и повеќе години стаж, а ќе добијат околу 37.000 евра.
Како што беше нагласено, компанијата на овој потег се одлучила во секторите каде се роботизира производството, но и во оние сектори каде што е намалена активноста на работниците.
Оваа година Dacia ќе влезе во производството на моделот Bigster.
„Фабриката модернизираше добар дел од производствените активности со помош на индустриски роботи, што доведува до потреба од намалување на бројот на вработени“, пишува романски „Профит“.
За Dacia ова не е прва програма за доброволно отпуштање, а последната слична беше спроведена во 2022 година.