Поранешниот состав на Историската комисија со Бугарија смета дека е неопходно вклучување на експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Поради документите усвоени од страна на Владата во Софија (рамковната позиција и објаснувачкиот меморандум), неодговорното однесување на политичарите во двете држави, како и поради неодговорните и политизирани изјави на некои од колегите во бугарскиот дел од Комисијата и политички мотивираното заминување на новиот копретседател од македонска страна, таа беше злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји, порачува преку отворено писмо поранешниот состав на македонскиот тим од Мешовитата комисија со Бугарија за историските и образовни прашања. Истакнуваат дека ваквата реакција е поради неосновани изјави на премиерот Христијан Мицкоски и претставници на Владата, како и поради последователните обвинувачки и клеветнички текстови и настапи по некои медиуми.

Поранешните членови на Македонската комисија сметаат дека во јавноста се наметна уверувањето дека Комисијата треба да биде тело во одбрана на „националните интереси“, докажување на „историски вистини“ и решавање на историографски прашања.

-Идејата дека Комисијата преку позитивните примери на слични комисии во Европа треба да помогне да се дојде до ослободување на наставата по историја од идеолошки и националистички влијанија кои очигледно ги држат во заложништво граѓаните и граѓанките на двете држави, беше целосно игнорирана, посочуваат оттаму и наведуваат дека дел од политичарите и од интелектуалците, а посебно историчарите, од лукративни и политички причини, но и од незнаење, ја прифатиле реториката и пристапот на бугарската страна со што во јавноста, без никакви аргументи, беше наметнат впечаток дека Комисијата дискутира за идентитетот и дека прави ревизија на македонската историографија.

-На тој начин, нашето општество наивно влезе во стапицата на националистите во Бугарија и нивната намера да наметне дискусија за овие прашања низ призма на политички интереси. Со тоа, всушност, ја пропуштаме шансата да се отвори сериозна академска дебата во која ќе може отворено да дискутираме за минатото и надвор од влијанијата на политички групи кои изминатите децении профитираа од злоупотреба на историјата. Да се дебатира отворено е очигледно тешко за дел од македонската интелектуална јавност, децидни ее поранешните членови.

Во писмото се вперува прстот и во премиерот, но и во министерот за надворешни работи. На крајот велат дека е потребна промена во работата на Комисијата.

-Неопходно е вклучување експерти од УНЕСКО, Советот на Европа или ОБСЕ, нешто што ние го баравме постојано од првата средба на Комисијата која се одржа на 2 и 3 јули 2018 г. На тој начин ќе се создадат услови негативните политички влијанија да се тргнат настрана од работата на Комисијата, се вели меѓу другото во писмото на поранешните членови.

Мицкоски потврди дека на затворена седница, Владата направила промена во кадровскиот состав на мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања. Иако во јавноста се појавија и имиња на историчарите кои ќе бидат дел од Комисијата што треба да ја предводи професорот Ванчо Ѓорѓиев, шефот на Владата не ги потврди имињата зашто тоа било класифициран податок.

Кадровските промени доаѓаат по јавните забелешки на премиерот за работата на Комисијата, предводена од Драги Ѓорѓиев од македонска страна, која, според него, не ги заштитила националните интереси на македонскиот народ.

Мицкоски сега чека во Софија да биде формирана политичка Влада за, како што рече, да се види дали таму постои желба за дијалог. Тој вели дека македонските позиции се јасни и оти земјава сака да разговара, но и оти е потребно да добие јасни гаранции. Мицкоски веќе најави дека на 19-ти септември во Брисел ќе го презентира владиниот предлог за откочување на процесот на евроинтеграција на Македонија.

Слични содржини