Првотимецот на Ал-Наср и капитен на португалската фудбалска репрезентација, Кристијано Роналдо објави дека неговите профили на социјалните мрежи ги следат една милијарда луѓе.
Еден од најдобрите фудбалери во историјата истакна дека е горд на се што направил, дека овој нов рекорд многу му значи и му дава инспирација да продолжи.
„Ние направивме историја – милијарда следбеници. Тоа е многу повеќе од само бројка. Тоа е доказ за нашата заедничка страст, енергија, љубов кон играта и многу повеќе”, напиша Роналдо на социјалните мрежи.
Португалецот потоа им се заблагодари на сите кои го поддржуваа сите овие години во кариерата и јасно стави до знаење дека и покрај тоа што во февруари ќе наполни 40 години, не размислува за пензионирање, туку дека се уште е гладен за успеси.
„Од улиците на Мадеира до најголемите стадиони во светот, секогаш играв за моето семејство и за вас, а сега сме милијарда и сите сме заедно. Бевте покрај мене во сите животни околности, подеми и падови. Ова патување е наше заедничко и докажавме дека за нас нема граници. Ви благодарам што верувавте во мене и што сте дел од мојот живот. Најдоброто допрва доаѓа и ние продолжуваме да се бориме, да победуваме и заедно да пишуваме историја“, изјави Роналдо.