МНР ќе го повика бугарскиот амбасадор за случајот со знамињата на средбата на претседателите во Софија

од Nikola Popovski
23 прегледи

Министерството за надворешни работи ќе го повика на разговор бугарскиот амбасадор во земјава, Жељаско Радуков за излегувањето од рамки на протоколот при средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со колегата Румен Радев, кога се дозволи фотографирање во просторија каде што го немаше нашето државно знаме. Не се исклучува ниту врачување протестна нота.

И од кабинетот на Сиљановска најавија дека ќе бараат објаснувања од бугарска страна.

„Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот. Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна“, велат од Кабинетот на Сиљановска Давкова.

СДСМ со жестоки критики. Партијата обвини дека се поткопуваат меѓународните позиции на државата. Во ВМРО-ДПМНЕ, пак, уверуваат дека ги бранат државните интереси.

„Не се потребни лекции од партија која кога беше на власт ја воведе државата во безброј дипломатски кризи и меѓународни понижувања. За разлика од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ стои цврсто зад националните интереси на Македонија и продолжува да ја води државата кон патот на достоинството и гордоста“, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Сепак, други дипломати од Скопје коментираат дека посетата на Сиљановска на Софија не била официјална и не била на покана од бугарска страна, поради што средбата во Претседателството во Софија била неформална и не барало поставување на знамето на земјата според протокол.

Претседателката во петокот престојуваше во Софија на изведбата на операта „Набуко“ на Националната опера и балет на соседната земја. Таа беше придружувана од министерот за култура Зоран Лутков и од министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

Слични содржини