Мицкоски очекува работата на Историската комисија да продолжи во пријателска атмосфера и да не се носат избрзани одлуки

од Nikola Popovski
188 прегледи

Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска изјави дека очекува разговорите во Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски и образовни прашања да продолжат „објективно и во духот на пријателството и добрососедството“.

Тој пред медиумите пред учеството на деловниот појадок со Македонско-германското стопанско здружение истакна дека „тоа се процеси кои траат со децении, такви примери има во Европа“.

-Секое избрзано решение предизвикува други избрзани одлуки, а тие можат да бидат погреши. Очекувам дека во еден добрососедски дух, членовите на Комисијата да разговараат, кажа премиерот.

Темата за работата на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Македонија продолжува да биде актуелна откако Мицкоски обвини дека историчарите кои учествуваат во неа од македонска страна „не ги штитат доволно националните интереси“. На затворена владина седница голем дел од нив беа сменети. Официјални информации за имињата на новите членови на Комисијата не беа соопштени, иако Мицкоски потврди дека има промена во составот.

Во отвореното писмо на членовите на претходниот состав на комисијата, повторно објавено во медиумите, изјавите на македонскиот премиер се оценети како „неаргументирани и навредливи“ и дека тој самиот ги поделил граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси според нивните лични ставови, со што, како што велат историчарите, „намерно испраќа авторитарна и заканувачки порака дека кој нема да ги оправда очекувањата ќе биде етикетиран дека не ги брани националните интереси“.

-Комисијата е експертска, а не политичка, се додава во писмото.

Во интервју за „Локално“, професорот и историчар Тодор Чепреганов, кој не е дел од Комисијата, вели дека самиот факт што Комисијата е создадена од Министерството за надворешни работи „е аргумент за нејзината политичка цел на остварување на политичката идеја за заедничко одбележување на заедничките историски настани и личности насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“.

Чепреганов смета дека Комисијата треба да се распушти, да се прекине Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија и „да се работи на договор што ќе биде во интерес на македонскиот народ“.

Амбасадорката на САД во Северна Македонија, Ангела Агелер, во интервју за ТВ Сител беше прашана за промената во составот на Историската комисија. Таа изјави дека нејзината главна надеж е „дека додека зборува за заедничката историја што ја има Северна Македонија со соседите, особено Бугарија“, владата на земјата ќе зборува и за иднината.

Следниот состанок на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија треба да се одржи овој месец во Скопје.

Слични содржини