Огромно свлечиште на Гренланд предизвикало бран што ја тресел Земјата девет дена

од Milan1
23 прегледи

Огромно свлечиште во фјорд на Гренланд предизвикало бран што ја тресел Земјата девет дена во септември 2023. Сеизмичкиот сигнал бил регистриран од сензори низ целиот свет, што ги поттикнало научниците да истражат од каде дошол.

Свлечиштето од карпи и мраз предизвикало бран од 200 метри. Бранот бил заробен во тесниот фјорд, движејќи се напред-назад цели девет дена, што создавало вибрации.

Научниците велат дека ваквите свлечишта ќе се случуваат сѐ почесто, зашто поради климатските промени се топат глечерите кои ги држат планините на Гренланд.

„Кога колегите првпат го забележаа сигналот минатата година, тоа не изгледаше како земјотрес. Го нарековме неидентификуван сеизмички објект. Продолжи да се појавува на секои 90 секунди девет дена“, изјави Стивен Хикс, еден од научниците вклучени во истражувањето.

Група љубопитни научници почнала да дискутира за сигналот преку интернет.

„Во исто време, колегите во Данска, кои доста работат на терен на Гренланд, примиле извештаи за цунами кое се случило во далечен фјорд. Така ги здруживме силите“, рече Хикс.

Со помош на сеизмички податоци било утврдено дека изворот на сигналот се наоѓа во фјордот Диксон во Источен Гренланд. Сателитска снимка покажала облак од прашина во дол на фјордот. Споредувањето на стари и нови фотографии покажало дека се урнала планина, повлекувајќи дел од глечер во водата. Истражувачите пресметале дека во водата паднале 25 милиони кубни метри карпи, што довело до мегацунами од 200 метри.

Цунами вообичаено се растура за неколку часа на отворен океан, но овој бил заробен.

Слични содржини