Бевме свесни што се случи, јасно видовме дека има неусогласеност меѓу договорениот протокол и она што се случи во пракса, но решивме, поради специфичноста на моментот, да реагираме на начинот на кој реагиравме, изјави синоќа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во интервју за „360 степени“ на МРТ1, одговарајќи на прашањето дали ќе имало реакција од државата за отсуството на македонското знаме на средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарскиот претседател Румен Радев во Софија, доколку немаше реакции од македонската јавност.
Според Муцунски, немањето реакција веднаш по средбата се должи на авионската несреќа што во петокот се случи во Бугарија, при што загинаа двајца воени пилоти во Граф Игнатиево.
-Бидејќи гледаме дека има прозивки, единствен начин да реагирате за вакво нешто, кога гледате дека се случила институционална протколарна грешка од другата страна е начинот на којшто ние реагиравме денеска како МНР. Усна реакција на лице место не е формална рекација и дипломатскиот протокол многу строго ги регулира овие прашања, посочува Муцунски.
-Доколку другата страна (Бугарија) пристапи со добра волја, како што правиме ние, тогаш природно е да се извини по ваквата протоколарна грешка. Да каже дека тоа било грешка и дека немало форма на навреда или понижување. Тогаш ќе веруваме дека и другата страна постапува со добра волја. Не би сакал да бидам разочаран од нашиот сосед и да видиме недостаток на реакција. Ќе продолжиме да бидеме позитивни, но ќе видиме по реакцијата за овој случај, какви се намерите на актуелниот претседател (на Бугарија) и на преодната влада“, истакнал Муцунски во интервјуто, во кое прецизирал дека на работниот ручек во Софија, на кој присуствувал, таму било поставено македонското државно знаме и дека се поминало во пријателска атмосфера, при што се разговарало за повеќе теми, меѓу кои и Коридорот 8, како и отворањето на граничниот премин „Клепало“ меѓу Струмјани и Берово.
Вчера попладнето во МНР беше повикан новоименуваниот бугарски амбасадор во земјава, Желјаско Радуков, за да му биде врачена протестна нота по случајот со неистакнувањето на македонското знаме на претседателската средба во Софија. Радуков, како што потврди МНР, одбил да ја прими протестната нота.