Договор направен зад затворени врати кој носи големи економски последици. Каде беше Министерството за финансии во овој процес? Зошто Владата го изостави ова Министерство? Се соочуваме со ново задолжување кое се презентира со бојкот од надлежното министерство, вели пратеникот и екс-вицепремиер за економски прашања, Фатмир Битиќи на собраниската седница посветена на предлог-законот за задолжување на земјава со заем од половина милијарда евра од унгарската влада, кој е предвидено да се носи по скратена постапка.
Според Битиќи, ова е проблематично задолжување, поради кое, како што вели и МФ не учествува.
-Тоа значи дека и во рамките на Владата има сериозни несогласувања. Дали ова вистина се унгарски или кинески пари. Граѓаните заслужуваат одговор. Потенцијална замка…, а граѓаните може да се соочат со зголемени даноци и зголемена куповна моќ…
Износот е преполовен од првичните една милијарда евра кога виделе дека државниот долг скокнал до 60%. Вистинското прашање е зошто процесот се водеше во тајност? Дали Владата се плаши од реакцијата на граѓаните ако вистината излезе на виделина? Зошто заемот не се објави во предизборието, праша пратеникот од редовите на СДСМ.
Според Битиќи, Владата на ВМРО-ДПМНЕ не покажува интерес за јавниот интерес.
-Се појавуваат скриени трошоци. Овде никаде не стои колку е износот на скриените трошоци. Измислените 70 илјади евра за провизија или можеби 7 милиони ги знае само Владата. Сето ова покажува дека ВМРО-ДПМНЕ нема јасен план за економијата, рече меѓу другото пратеникот покажувајќи го документот од собраниската говорница.
Вкупниот износ на заемот од унгарската Експорт – импорт банка изнесува 500 милиони евра. Заемот ќе се повлече во една транша, рокот за отплата на заемот е 15 години, со вклучен грејс период од три години, каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти.
Земјава ќе и плаќа на унгарската Експорт – импорт банка провизија за неповлечени средства во висина од 0,5 проценти од заемот на годишно ниво. Провизијата за неповлечени средства ќе се пресметува на дневна основа на неповлечениот дел од заемот, пресметано од датумот на достапност на средствата. Дополнително Македонија ќе и плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од унгарската Експорт – импорт банка.