На денешната седница на Владата, министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, беше назначен за главен преговарач со Европската Унија за членство на Република Северна Македонија во Европската Унија, а за заменик на главниот преговарач е назначена заменик министерката за европски прашања, Викторија Трајков.
На оваа седница, исто така, беше задолжено Министерството за европски прашања да подготви нова Одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
Муртезани во вчерашната средба со новиот евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, ја реафирмираше посветеноста на Северна Македонија кон евроинтегративниот процес и за спроведување на потребните реформи кои земјата треба да ја подготват за полноправно членство во Унијата. Тој истакна дека Инструментот за реформи и раст, преку договорената Реформска агенда 2024-2027 вредна преку 750 милиони евра, нуди насочена поддршка за земјата и напредок во клучните реформи, вклучувајќи го и зајакнувањето на економската конкурентност и иновациите.
Амбасадорот Рокас ги поздрави сеопфатните реформски напори на Северна Македонија и ја потврди стратешката посветеност на ЕУ кон земјите од Западен Балкан.