Државните службени возила ќе бидат обележани со таблички во посебна боја

од Nikola Popovski
112 прегледи

Директорот на службата за општи и заеднички работи на Влада (СОЗР), Ивица Томовски најави крај на лошите практики од минатото за користење на државни возила за приватни цели. Како што објави на социјалните мрежи, на вчерашната седница на Владата, на негов предлог, беше формирана комисија составена од СОЗР, Кабинет на Претседател на Влада на Р.М, Генералниот секретаријат, Министерството за финансии, Министерството за внатрешни работи, Министерството за енергетика и Кабинет на Министерот за добро владеење, со цел да започне постапка за измена и дополнување на два важни закона за промоција на транспарентноста и владеењето на правото.

-Законот за користење и располагање со стварите во државна и стварите во општинска сопственост и Законот за возила. Со овие измени ќе се воспостави регистар на сите државни патнички моторни возила кои ќе бидат обележани со регистарски таблици во посебна боја за полесно да бидат забележани од граѓаните, појасни Томовски.

Како што додава директорот на службата, на овој начин верува дека ќе биде оневозможено нивното користење за приватни цели, со што дополнително ќе се зајакне транспарентноста и отчетноста на институциите на државата.

Политичката партија Левица вчера побара да се воведат црвени таблички и лимит за службените возила.

„Воведување специјални црвени регистарски таблички за службените возила на државните органи, општините и јавните претпријатија – по кои тие јасно ќе се разликуваат од обичните.
Воведување на задолжителни GPS локатори, со цел мониторинг на тоа кој, каде и за што ги вози службените возила.

Ограничување на бројот на службени возила на министерствата на максимум 3-5 автомобили и воведување лимит од максимум 15.000–20.000 ЕУР по возило за секоја институција“, стои во соопштението на Левица.

Слични содржини