Дали „Францускиот предлог плус“ во Брисел ќе удри во ѕид или ќе отвори нов пат за ЕУ?

од Nikola Popovski
521 прегледи

„Француски предлог плус“ кој ќе гарантира процесот на преговори да не се билатерализира, односно одредени земји членки да блокираат поради билатерални спорови, а не поради неисполнување на критериумите – ова е решението со кое ќе настапи македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски и шефот на дипломатијата, Тимчо Муцински на средбите со европските претставници во Брисел. Ова решение предвидува одложено дејство на уставните измени, поточно нивно носење, со тоа што ќе стапат во сила на крајот од преговарачкиот процес.

Дел од експертите во земјава со поделени ставови дали предлогот во Брисел ќе удри во ѕид или ќе отвори нов пат за ЕУ. Дипломатот и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, Васко Наумовски вели дека имајќи предвид дека од страна на ЕУ нема никаква иницијатива за надминување на пречките во проширувањето, логично е ние да излеземе со идеи како да продолжи нашиот пат кон преговорите.

Васко Наумовски

-Прифатливоста на оваа иницијатива ќе зависи од посветеноста на државите-членки кон процесот на проширување, и од искреноста на нивните декларативни заложби за поддршка на истиот. Доколку кај ЕУ има суштинска волја за интеграција на Западниот Балкан, може да се изнајдат соодветни методи како тоа да се постигне. Во спротивно, ќе продолжиме да слушаме само зборови на поддршка, без конкретни чекори од страна на ЕУ кои можат да дадат резултати, оценува Наумовски во разговор за „Локално“.

На прашањето дали оваа посета во Брисел е поради најавите на еврокомесарот Оливер Вархеји дека во октомври ќе се одржи и втората меѓувладина конференција со Албанија, како и меѓувладина конференција со Србија, што значи дека формално двете држави ќе се раздвојат во процесот на преговорите, Наумовски истакнува дека Европската комисија мора да покаже некаков чекор напред во проширувањето, макар и само формален.

-Албанија успеа да ги надмине билатералните пречки, и нема реална основа преговорите да се одложуваат заради блокадата на Македонија. Србија исто така има подобрени позиции, што може да ги забрза нејзините преговори. Точно е дека најчесто преговорите се одвиваат со повеќе држави истовремено, но ЕУ тешко ќе го оправда натамошното заостанување на другите држави заради бугарското вето врз Македонија, тврди соговорникот.

Од друга страна, извршниот директор на Преспа институтот, Андреја Стојковски смета дека нема никаква можност „францускиот предлог плус“ да помине или можеби таквата можност е минимална. Ваквиот став во разговор за „Локално“ го образложува со повеќе причини.

-Првата, условот за нашето напредување е содржан во Преговарачката рамка која ја усвои Советот на ЕУ со консензус. Промената на Рамката подразбира повторно консензус. Со други зборови за да ја промените преговарачката рамка ќе биде потребно да се согласат сите држави-членки, како и да не истакнат нови услови кои ќе станат дел од рамката. Отворањето на преговорите за рамката значи дека повторно се е на масата, а преговараме со 27 држави, што процесот дополнително го усложнува.

Втората, ниту до сега не бевме најдобриот ученик. Заостануваме во реформите и убедувањето на државите-членки да прифатат измена на рамката ќе биде многу потешко, ако истовремено не покажеме напредок во процесот и во потребните реформи. Според достапните информации последната Национална програма за усвојување на европското законодавство била усвоена во 2021 година. Точно, таа се однесува на периодот до 2025 година. Но, досега програмата беше редовно, годишно, ревидирана и дополнувана. Дополнително, после 2 години од првата меѓувладина конференција и 4 од отворањето на преговорите државата и натаму нема структура за водење на преговорите. Имаме главни или главен преговарач, но не и структура која ќе ги координира преговорите во кластерите и поглавјата, во која е вклучено граѓанското општество и која го гарантира процесот на градење на општествен консензус за потребните реформи.

Андреја Стојковски

Третата, односите со соседите се на незавидно ниско ниво, а покрај спорот или проблемот со Бугарија, Владата го оживеа и оној со Грција, за кој сметавме дека сме го затвориле со Преспанскиот договор. Згора на тоа, пропуст или слабост на институциите да се справат со задачите направи краток спој и во односите со Косово, додека, последната изјава на претседателот на Уставниот суд за Законот за јазиците може да ни отвори уште еден спор со Албанија. Добрососедските односи биле отсекогаш клучни за напредување во процесот и можат лесно да се најдат како нов услов кој не мислам дека ни треба.

Четвртата, после повеќе од една година од нивното поднесување, Собранието се уште ја нема ниту прифатено потребата за изменување на Уставот. Амандманите се блокирани во Собранието, меѓу другото, благодарение и на актуелната политичка коалиција која ја сочинува Владата, наведува Стојковски.

Оттаму, додава тој, за Владата да очекува државите-членки да прифатат измена на преговарачката рамка мора да биде подготвена на пошироки преговори, секако и да понуди нешто за возврат. Потенцира Стојковски дека станува збор за преговори во кои ние нема да можеме да бидеме жртва на соседите, бидејќи таквите аргументи едноставно не поминуваат.

-Претпоставувам дека усвојувањето на уставните амандмани кои ќе важат по одреден број на години некому му се чини прифатливо и доволна жртва, но како што стојат работите. Ако го имам предвид ова што претходно го изнесов, не мислам дека ќе биде доволна жртва за сите 27 држави членки. Најмалку што можат Собранието и оваа Влада да сторат е да го прифатат предлогот за измена на уставот, пред воопшто да се појават на „преговори“, наведува соговорникот.

Стојковски претпоставува дека претставувањето на „францускиот предлог плус“ е поради изјавата на комесарот Вархеји, иако навидум изгледа дека времето за посетата е многу погодено. Ако Владата очекувала успех од посетата, посочува тој, тогаш верувам дека требало посетата да биде направена порано.

-Едноставно, за согласност на 27 држави членки не е важно претседателството. Впрочем согласно договорите претседателството нема голема можност за маневри, ниту за наметнување на волја.

За да одговорам на вториот дел од прашањето морам да направам мала хронологија на настаните. Преговорите со Северна Македонија беа отворени во март 2020 година, а преговарачката рамка беше усвоена две години подоцна, после неколку блокади од Бугарија и прифаќањето на т.н. „Француски предлог“, во јуни 2022. Првата меѓувладина конференција беше одржана во јули 2022 година, по што следуваше она што преостана од скринингот. Една година подоцна, во јули 2023 година, беше презентиран извештајот од билатералниот скрининг за првиот кластер. Согласно методологијата за проширување, пристапувањето и преговорите се консеквентен процес кој има точно утврдена рамка, временска и политичка. Оттаму, покрај фактот дека скринингот е завршен за сите поглавја и кластери, објавен е само извештајот за првиот кластер, објаснува Стојковски.

Согласно преговарачката рамка и т.н. „француски предлог“, како што наведува соговорникот, втората меѓувладина конференција и отворањето на првиот кластер на поглавја зависи од усвојувањето на уставни амандмани и внесувањето на Бугарската етничка заедница во преамбулата на Уставот на државата. Без уставни измени, условите нема да бидат исполнети.

-Оттаму, нема можност за свикување на конференцијата, но и за напредување на Северна Македонија во процесот. Ако се има предвид дека другите држави, во овој случај Албанија, се подготвени и можат да продолжат, Комисијата очигледно смета дека нема потреба од натамошно чекање на добра волја кај новата власт во Скопје. Со други зборови, комесарот Вархеји очигледно ни го кажува она за кое што веќе подолго време зборуваат во некои од главните градови од државите-членки, а тоа е дека ако во Северна Македонија нема желба за напредок, тогаш парот кој до сега постоеше треба да се раздели за Албанија да не биде жртва на таквото заостанување, објаснува извршниот директор на Преспа институтот.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска кажа дека во Брисел на средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ќе ги брани македонските интереси. Тој во изјава за новинари рече дека „ние не сме во можност да почнеме преговори за влез во ЕУ не заради тоа што не ги почитуваме Копенхагеншките критериуми, не заради тоа што не сме љубители на европските вредности туку заради тоа што има вештачки наметнати пречки“.

-Не патувам таму за да го презентирам планот, туку на дневен ред е Планот за раст. Ќе имам работен ручек со старо-новата претседателка на ЕК, Фон Дер Лајен. Доколку стане збор за евроинтегративниот процес, јас сум тој што треба д аги брани и одбрани нашите македонски национални интереси. Сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонски граѓани, да ја пренесеме таму – таа е голема и огромна. Повеќе од деценија и пол, не сме во можност да почнеме преговори со ЕУ оти има вештачки наметнати пречки кои ниту една земја ги немала, како што ги имаме ние, изјави Мицкоски на прашање за „Францускиот предлог плус“ за уставни измени со одложено дејство.

Н.П.

Слични содржини