Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во Вроцлав најави помош од 10 милијарди евра за земјите од Централна Европа кои беа погодени од катастрофалните поплави, пренесе N1.
„Можеме да мобилизираме 10 милијарди евра од кохезионите фондови за земјите погодени од поплавите“, рече фон дер Лајен во Вроцлав, Полска, каде ги посети поплавените подрачја заедно со премиерите на Полска, Словачка, Чешка и Австрија.
Таа нагласи дека сега треба да се искористат сите расположливи средства. Пред се, тука е Фондот за солидарност, кој може да се искористи за обнова на инфраструктурата, како патишта, железници, мостови и слично.
„Но, мислам дека тоа нема да биде доволно со оглед на огромниот обем на штетата“, рече фон дер Лајен.
Друг извор се кохезионите фондови, кои вообичаено се користат со кофинансирање од земјите-членки. Во овој случај не би се барало национално кофинансирање и сите средства би биле од кохезиониот фонд, со што би се обезбедиле околу 10 милијарди евра.
„Потребна е максимална флексибилност и ви треба брза помош. Затоа мораме флексибилно и насочено да ги мобилизираме кохезиските фондови онаму каде што е најпотребно“, рече претседателот на Комисијата.