Шест евра за едно еспресо, две нес кафиња и кисела вода. Колку и да звучи неверојатно, сметка во овој износ ни наплатија во Дубровник, во преубав хотел кој има поглед на море. Истатата таа нарачка кај нас во кафуле во центарот на Скопје чини од 7 до 8 евра. Соочени со секојдневни и се поголеми поскапувања, нашите граѓани остануваат вџашени од цените, не само на угостителските услуги, туку и генерално на сите производи, најмногу на прехрамбените.
“За мене и мојот сопруг одењето во ресторани стана премногу скапа ставка, а кафулињата ги посетуваат само нашите деца кои со нивниот џепаркал не можат да си дозволат повеќе од два пијалоци. Дома го купуваме само најнеопходното бидејќи секое одење во маркет чини најмалку 2000 денари, и тоа само за неколку производи’’, вели Слободанка Блажевска од Скопје.
Како аргумент во прилог на тврдењата за се понеподносливата ситуација со скапотијата, граѓаните посочуваат само некои од продуктите. Така на пример, сирењето во пакувани капали е од 450 денари па нагоре, кашкавалот на акција е минимум 500 денари, млечната чоколада од 80 грама се продава по цена од 70 до 80 денари….За разлика од порано, се поскап е и пазарот. Претходно беа доволни 1000 денари за да се купи од се понешто, односно зеленчук и овошје, а сега за овој износ може да се обезбеди само половина од претходната количина. На тезгите нема производ кој е поефтин од 100 денари за килограм. Доматите се продаваат по цени од 100 до 130 денари, пиперките од 70 до 100 денари, краставиците од 100 до 120 денари, гравот чини 300 денари.
“ Ако порано ми беше најважен само квалитетот, сега се водам единствено од цената’’, вели Тодор Стојковски кој забележува дека токму скапотијата е причина поради која тој и неговата сопруга оваа година нема да подготвуваат зимница.
Од друга страна, за производителите, ваквите цени на пазарите се очекувани. Тие потсетуваат дека уште пред неколку месеци алармираа дека ќе дојде до големи поскапувања.
Според Ристо Велков, претседател на Регионалниот сојуз на земјоделци од Струмица, основните причини се климатските промени, односно овогодинешната суша која речиси го преполови производството, но и фактот дека се помал број луѓе одлучуваат да се бават со земјоделство. Како дополнителен проблем кој влијае на количините на прехранбените производи, земјоделците ги посочуваат ниските откупни цени од страна на трговците.
Според Крсто Петровски од с.Петровец, во моментов функционира единствено увозот, а за извоз не станува ниту збор.
“Откупните цени за нас производителите се многу ниски, а на пазарите истите тие производи се продаваат по цени кои се за 2-3 пати повисоки. Во исто време се увезува се и сешто само да се создаде вишок на пазарите’’, коментира Петровски.
Заедничка забелешка на производителите останува дека во сите години уште од осамостојувањето, недостига стратегија за развој на земјоделството што на крајот резултира со поразителен факт дека нашата држава од претежно земјоделски извозна, стана зависна од увоз на земјоделски производи.
Според последните пресметки, минималната синдикална кошница за август изнесуваше 61.199 денари. Во тој износ доминантни се трошоците за храна и пијалаци. Последната владина мерка за ограничување на маржите на производите се чини дека сепак не ги задоволи очекувањата на граѓаните според кои треба да се замрзнат цените. Како единствен излез од се поалармантната ситуација економистите ја посочуваат неопходноста од итна примена на Законот за нефер трговски практики кој предвидува ограничување на маржите на над 2,500 производи. Инаку, месото, млекото, пекарските и конзервираните производи се само дел од основните 100–тина артикли кои ќе ги содржи есенската потрошувачка кошница. Конечната листа ќе се знае во вторник кога е најавено мерката да се усвои на владина седница. Мерката ќе трае еден месец, а маржата на производите ќе се ограничи на 10 проценти.
К.В.С.