Бугарската екстремно десничарска Преродба бара декларација за изјавите на Николоски

од Nikola Popovski
223 прегледи

Бугарскиот парламент мора да излезе со декларација по изјавите на вицепремиерот на Република Северна Македонија, Александар Николоски, порачал денеска пратеникот и лидер на екстремно десничкарската партија „Преродба“, Костадин Костадинов.

„Треба да има декларација во Националното собрание. Подготвивме една што ќе ја доставиме до парламентарната Комисија за надворешна политика. Мораме да ги информираме нашите партнери во ЕУ за тоа што се случува од другата страна на границата – дека всушност има саботажа и оваа саботажа е против паневропските политики, а една од нив е Коридорот 8. Секако, сфаќаме дека тоа е свесно барана политика на провокации, која во моментов нашата влада ја игра многу добро. Изненадувачки добро. Во овој случај треба да помогне и Националното собрание, да се делува умерено и дипломатски, без да навлегува во тонот на другата страна“, рекол Костадинов во изјава за бугарските медиуми.

Преродба ќе побара вонредна седница на собраниската комисија за да може декларацијата да влезе во пленарната сала пред распуштањето на пратениците поради изборната кампања во Бугарија.

Вчера бугарските партии ГЕРБ, БСП и „Има таков народ“ побараа оставка од Николоски, поради неговите зборови дека Бугарите не биле цивилизирани и дека немаме заедничка историја.

Неколку часа подоцна Николоски излезе со став дека „некои од неодговорните бугарски политичари“, според него, не се достојни да побараат оставка од него.

Кабинетот на бугарскиот претседател, Министерството за надворешни работи, но и остатокот од бугарската политичка сцена реагираат, на како што се наведува, навредливи квалификации кон Бугарија и бугарскиот народ од функционери од Македонија. За „цивилизираноста“ на новата влада допрва ќе се оценува според тоа дали таа ќе продолжи да биде дел од кампањите за поттикнување омраза кон Бугарија или ќе се спротивстави, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот Радев.

На изјавите на бугарските политичари вицепремиерот со коментар-непотребно Македонија ја внесуваат во предизборната тематика во Бугарија и најмалце мислам дека Македонија може да е одговор на седмите неуспешни избори со кои се соочува Бугарија.

„Јас останувам зад сè што сум кажал, а тоа е дека е некултурно, непристојно и нецивилизирано да ви дојде на гости претседател на држава, а вие да не го удостоите со ставање на знамето на државата којашто ја претставува. Нема оправдание за Румен Радев затоа што не го стави македонското знаме при посетата на Гордана Сиљановска Давкова како претседател на Македонија“, вели Николоски.

Наша цел е Македонија да напредува, да стане членка на европската унија, да го изоди патот кон Европската унија, но тоа да биде гордо и достоинствено, а не понижени. Ние секогаш ќе ги браниме македонските национални интереси – пишува во дописот вицепремиерот Николоски.

Доколку се донесе, декларацијата ќе биде четврта донесена во бугарското собрание, а поврзана со Македонија. Првата е во 2017 година, пред да биде потпишан Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете земји. Со неа се охрабруваа владите да ги финализираат преговорите.

Линиите на бугарската позиција се исцртуваат две години подоцна, во втората декларација која тамошното собрание ја усвои во октомври 2019 година.  Во неа се споменуваат првпат официјално формулациите како  „препишувањето и присвојувањето на историјата на дел од бугарскиот народ по 1944 година“ , потоа се инсистира на „рехабилитација на жртвите и репресираните во име на нивната бугарска самосвест“ и се споменува запирањето на секоја форма на „говор на омраза“ итн.

Третата декларација беше во февруари 2023 година, кога Бугарскиот парламент го осуди насилството врз македонските Бугари во Република Македонија, како и омаловажувањето на проблемот со правата и безбедноста на Бугарите во РСМ. Во декларацијата Софија го осуди говорот на омраза и инсистира на спроведување на Договорот за пријателство, кој, како што се наведува, властите во Скопје не го почитуваат.

Документот беше усвоен само еден ден откако делегација на македонските Бугари беше пречекана во Европската комисија од страна на европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји. Една од причините за усвојување на декларацијата е бруталното претепување на Христијан Пендиков, секретар на бугарскиот клуб во Охрид „Цар Борис Трети“. Извештајот ги обединува предлозите на Десислава Атанасова од ГЕРБ, Андреј Ѓуров од ПП, Костадин Костадинов од Преродба и Елисавета Белобрадова и Стојан Михалев од ДБ.

Слични содржини