Комисијата за надворешна политика во бугарското Националното собрание го усвои предлогот-декларација во врска со изјавите кон Бугарија од страна на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.
-Ја разгледавме темата и декларацијата на колегите од Преродба, која беше поддржана, изјавил за бугарските новинари претседателот на надлежната собраниска комисија, Бојко Борисов.
-По дискусиите и за преамбулата и за точките од Декларацијата, најдовме апсолутен консензус, посочил претседателот на партијата ГЕРБ.
-Колегите од Преродба се откажаа од четвртата, петтата, шестата и седмата точка, направивме мали корекции во преамбулата, а точките еден, два и три апсолутно се совпаѓаат со нашиот Договор за добрососедство и со нашите стратешки планови во Европската унија, додал Борисов.
Тој најавил дека предлог-декларацијата ќе биде на дневен ред во Бугарското собрание, а потоа и усвоена.
-Најважното што го даваме како знак е дека бугарските политичари, бугарската држава, сите партии се обединети кога е во прашање добрососедството меѓу двете земји и секој што ќе го прекрши треба да си сноси одговорност, коментирал Борисов.
Пратеникот Ангел Георгиев од Преродба кизјавил дека предложиле декларација која е навистина консензуална.
-Прифатени се три точки, кои се консензуални, тоа се точките на „Преродба“ со козметички, стилски уредувања. Оваа декларација ќе покаже дека сите политички сили во Бугарија можат да бидат обединети, особено кога е во прашање бугарскиот национален интерес, заштитата на историската вистина, нашите сонародници во РСМ и бугарската позиција, рекол Георгиев.
Тошко Јорданов од партијата Има таков народ изјавил дека немало потешкотии при склопувањето на предлогот-декларација.
-На почетокот се расправаше дали треба да има или не декларација, но, важно е дека во овој случај преовлада бугарскиот интерес. Да се разбереме, убаво е, без разлика дали е последен или прв ден на парламентот, кога се во прашање интересите на Бугарија, рекол Јорданов во одговор на прашање.