Еуроњуз: Корупцијата и бугарското вето – клучни пречки за европскиот пат на Северна Македонија

од Илинка Илиоска
51 прегледи

„Скопје може да напредува на својот пат кон ЕУ само ако продолжи да ги поправа односите со соседна Бугарија“, посочува „Еуроњуз“, објаснувајќи дека секој нареден чекор во пристапниот процес бара „зелено светло“ од сите земји членки на Унијата. Според нив, дури и со успешна имплементација на Планот за раст, овие дипломатски односи ќе играат клучна улога.

Минатата недела, Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ (Корепер) донесе одлука Албанија да ги започне преговорите по Кластерот 1 – „Основни вредности“ на 15 октомври, со што таа преминува во нова фаза од процесот за членство, раздвојувајќи се од Северна Македонија на европскиот пат. И покрај ова, „Брисел се надева дека новите власти во Скопје ќе останат фокусирани на европскиот пат“ и ќе продолжат со спроведувањето на реформската агенда.

„Кога новата Влада ја презеде должноста, немаше големи отстапувања од реформската агенда“, истакнуваат дипломатски извори за „Еуроњуз“, но сепак нагласуваат дека треба време за да се види како ќе се спроведуваат планираните реформи. Овие реформи вклучуваат „зајакнување на владеењето на правото, независноста на судството и борбата против корупцијата“, а нивната успешност ќе биде клучна за исплатата на предвидените шест милијарди евра за инвестиции на Западниот Балкан.

Според „Еуроњуз“, „корупцијата е присутна“, но ЕУ има „строги механизми за заштита од злоупотреби“. Истите извори нагласуваат дека „ЕУ има политика на нулта толеранција за корупцијата“ и дека доколку се појави сомнеж, ќе бидат активирани сите заштитни механизми.

„Софија и Скопје продолжуваат да разменуваат воинствена реторика“, што може да претставува предизвик за односите меѓу двете држави. Бугарскиот политичар Бојко Борисов неодамна изјави дека Северна Македонија треба да „се соочи со последиците од своите постапки“.

Како заклучок, „Еуроњуз“ наведува дека инфраструктурните проекти како „Коридорот 8“, кој ќе ги поврзе Северна Македонија и Албанија со Бугарија, ќе ја трасираат нивната европска интеграција и ќе овозможат стратешки воен коридор за НАТО.

Слични содржини