Ерик Тeн Хaг и Манчестер Јунајтед доживеаја уште еден во низата неуспеси.
Со тешкиот домашен пораз од Тотенхем (0:3) во првенството, Холанѓанецот дојде до точка да има само седум бода по првите шест кола, а веќе заостанува седум бода зад Сити.
Во првото коло од Лигата на Европа, пак, одиграа само 1:1 против Твенте на својот „Олд Трафорд“. Лош старт и во тоа натпреварување за Јунајтед.
Затоа тимот и тренерот Ерик тен Хаг се под голем притисок.
Ова е трета сезона во Јунајтед за холандскиот стручњак. Досега има освоено еден ФА и еден Лига куп, но тоа не е доволно за навивачите, а тие бараат менаџерот кој потроши 650 милиони евра за нови играчи да се вклучи во борбата за титулата во Англија и да го врати клубот во важна улога во Лигата на шампионите.
Тен Хаг беше неуспешен во двете мисии бидејќи минатата сезона во Лигата на шампионите беше елиминиран во групата, додека првенството заврши само на осмото место. По само бод со Твенте, Јунајтед има само една победа во последните девет европски натпревари. Останаа три нерешени и дури пет порази. Тен Хаг ги критикуваше играчите и самиот себе, но тоа не е ништо во споредба со она што му го кажа неговиот познат сонародник.
Марко ван Бастен зборуваше за Тен Хаг на ТВ Зиго Спорт.
„Го гледам Јунајтед и го гледам тој нов играч како се шета. Тоа е Мануел Угарте, платен 50 милиони евра! Како тој човек така шета низ теренот? Идиотски е колку Тен Хаг инвестира во играчи кои воопшто не се добри!”, изјави тој.
Угарте е дефанзивен играч за врска кој Јунајтед летово го купи од ПСЖ за споменатата сума.
Легендарниот голгетер на Ајакс, Милан и Холандија не застана тука.
„Кажи ми барем еден врвен играч во Манчестер Јунајтед? Во секој голем клуб има барем еден, но не и во Јунајтед. Рашфорд е многу лош. Бруно Фернандеш е добар играч, Онана е добар голман и тоа е тоа. Касемиро е готов, Гарначо е солиден, но клубот навистина нема кој да го води“, рече тој.