Allianz им порача на Германците дека лошо штедат, причина – лошото искуство од 90-тите

од Vladimir Zorba
17 прегледи

Новиот извештај на минхенската осигурителна компанија Allianz заклучи дека многу Германци ги пропуштаат можностите за просперитет затоа што неправилно штедат.

Имено, секој жител на Германија има во просек по 70.000 евра заштеда и недвижен имот чија просечна вредност е 130.000 евра. Според Светската банка, Германија е трета по големина економија во светот, додека нејзините жители, според споменатиот извештај, се рангирани на 15-то место според богатството.

Економистите на Allianz забележаа дека приватните финансиски средства значително се зголемија ширум светот во текот на изминатата година. Сепак, овие средства во Германија сега се значително помали отколку пред пандемијата на коронавирус.

Во извештајот се нагласува дека германските штедачи се лоши инвеститори бидејќи заработуваат малку пари од своите заштеди. Малкумина ги користат своите заштеди за да купат хартии од вредност, како што се обврзници и акции.

Истражувањето од 2021 година на Бундесбанк, која е централна банка на Германија, покажа дека граѓаните со ниски приходи најмногу штедат за да купат станбени недвижности, иако станбените недвижности се скапи. Сепак, оваа форма на штедење во банките со ниски каматни стапки се сметаат за солидни и сигурни.

Покрај тоа, истражувањето покажа дека акциите се уште се непопуларни. Забележливо е дека оние со повисоки примања купуваат повеќе акции. Од друга страна, оние со помали примања најмногу ги користат заштедите за ненадејни трошоци.

Една од причините зошто е тоа така е лошото искуство на Германците со акциите на германски Телеком. Имено, во 1996 година државата, новинарите и берзите промовираа купување на акции. Тогаш акциите на Телеком се продаваа на граѓаните и тогаш многу граѓани дознаа дека купувањето на една акција не значи дека ќе имаат профит.

Недолго потоа, Франкфуртската берза поттикна купување на акции во млади компании, кои имаа светла иднина. Но и тогаш многу купувачи на акции останаа со празни раце и разочарани.

За многумина најприфатливо е заштедите да се користат за купување недвижен имот, поради зголемувањето на вредноста на недвижностите, пишува tagesschau.

Слични содржини