Бактеријата стафилокока е утврдена како причина за труењето на 140 ученици од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Скопје. Ова беше потврдено од резултатите на анализите на храната што им била послужена на учениците од прво до трето одделение, кои минатата недела пријавија силни стомачни болки.
Според резултатите од испитувањата на мострите земени од храната во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, во примерокот од слатки (бомбици) е пронајдена бактеријата стафилококус ауреус и ентеротоксин, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
„На 27 септември, ИЈЗ доби телефонска дојава од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) за сомневање за труење во ОУ ‘Ѓорѓија Пулевски’ во Аеродром. Екипи од ИЈЗ, составени од епидемиолози и лаборанти, веднаш излегоа на терен. Земени беа четири брисови од работни површини и садови, како и мостри од храната подготвена и послужена во кујната. Исто така, беа земени примероци од четири вработени во кујната, од раце, нос и грло. ИЈЗ работеше без прекин за да обезбеди брзи и релевантни резултати“, изјави Андоновска.
По добивањето на резултатите, микробиолозите информирале дека од примерокот на храната – бомбици, е изолиран стафилококус ауреус и позитивен ентеротоксин. Од сите земени брисови од површините и садовите, само на еден сад било најдено зголемено присуство на аеробни мезофилни бактерии, што укажува на нехигиенски услови.
„Брисевите од рацете на сите вработени ги задоволуваат хигиенските стандарди, додека брисевите од грло и нос на вработените се негативни. Веднаш по добивањето на резултатите, ИЈЗ ги препрати овие информации на Министерството за здравство (МЗ), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ)“, додаде Андоновска.
Во петокот, директорот на училиштето, Александар Филипчев, информираше дека од вкупно 360 ученици кои се хранат во рамките на целодневната настава, околу 140 се пожалиле на исти или слични симптоми.