Илиев за нападите на Блискиот Исток: Доколку конфликтот се прошири во Либан северно од реката Литани, можно е да има и одреден бран бегалци кон Европа

од Nikola Popovski
156 прегледи

Ескалацијата на Блискиот Исток е дел од глобален натпревар меѓу САД и сојузниците со земји како Русија, Иран, Кина и Северна Кореја. Додека Израел е стратешки партнер на САД, Хезболах, Хамас и Хутите се сојузници на Иран. Конфликтот на Блискиот Исток одвлекува значајни ресурси на САД кои би можеле да бидат искористени за поддршка на Украина, што значи дека продолжување на војната оди во прилог на Русија. Истовремено, страдањето на Палестинците во Газа влијае негативно на имиџот на САД и на сегашната американска администрација која не успеа да го убеди Бенјамин Нетанјаху да прекине со воените дејствија во Газа. Тоа влијае на намалување на популарноста на сегашната владејачка американска администрација.

Дополнително, тензиите и намалената безбедност во Црвеното Море предизвикана од страна на Хутите и можноста за предизвикување криза од страна на Иран во Ормуски проток влијаат на нивото на цените на нафтата, што одговара на Русија бидејќи голем дел од буџетот на Русија се полни токму од извоз на енергенси. Затоа, од интерес на Русија е конфликтот на Блискиот Исток да трае се додека трае и конфликтот во Украина. Меѓутоа, од интерес на Кина е поморските патишта помеѓу Кина и Европа да останат отворени. Оттука, пологично е да се очекува Иран да одржува состојба на постојан вооружен конфликт на Блискиот Исток, користејќи ги Хамас, Хезболах, Хутите, но и своите вооружени капацитети, но не и да предизвика долга војна која би ги прекинала трговските патишта на Кина, вели за „Локално“, аналитичарот за безбедност Александар Илиев за ситуацијата и размената на оган на Блискиот исток.

Во однос на тоа дали е загрозена безбедносната ситуација и во Европа, Илиев истакнува дека безбедноста на Блискиот Исток, а пред се за Израел, е тесно поврзана со безбедноста на Европа. Според него, голем дел од населението во Европа потекнува од овој дел на Азија и има лична поврзаност со регионот.

-Затоа, конфликтите во Израел и регионот предизвикуваат поделеност и силни емоции во Европа, вклучително и во Македонија. Таквата состојба може да предизвика терористички напади и напади мотивирани од желба за одмазда за она што се случува на Блискиот Исток. Доколку конфликтот се прошири во Либан северно од реката Литани, можно е да има и одреден бран бегалци од Либан кон Европа. Оттука, во моментот е зголемена веројатноста за терористички напади и напади мотивирани од верска омраза, а поврзани со конфликтот во Блискиот Исток, потенцира аналитичарот.

Александар Илиев

Тврди дека НАТО со сигурност е вклучено во собирање разузнавачки информации и размена на истите на ниво на држави членки.

-Исто така , веројатно е дека во моментот фокус е даден на заканата од терористички напад на територија на држави членки, и напади мотивиран од конфликтот на Блискиот Исток. Иако, во одбрана на Израел веќе се вклучени САД и Обединетото Кралство, преку своите сили распоредени на Блискиот Исток и Медитеранот, тоа не значи инволвираност на НАТО во вооружени активности, нити пак наметнува обврска на Македонија да учествува во било каква воена операција, додава Илиев.

Предупредува дека веројатно е да има и трет масовен напад од страна на Иран врз Израел во идниот период.

-Ракетниот напад од 1 октомври е втор напад од овој вид од страна на Иран во 2024 година. Првиот напад се случи во месец април, како реакција на напад од страна на Израел при кој беа убиени двајца генерали на Иран во Дамаск, Сирија. Вториот масовен напад од воздух, на 1 октомври 2024, следуваше откако Израел со воздушен удар го уби лидерот на Хезболах, а при што загина и еден генерал на Иран. Ова покажува дека одговорот на Иран не е неочекуван и дека Иран користи масовни напади после загинувања на клучни лидери. И при двата напади Израел доби поддршка од Обединетото Кралство и САД, кои со свои воени капацитети неутрализираа дел од ракетите, беспилотните летала и проектили упатени кон Израел. Важно е да се посочи дека нападите на Иран против Израел не предизвикаа значителни материјални и човечки загуби на Израел. Нападите имаа пред се пропаганден ефект за јавноста во Иран и во странство, како и ефект на заплашување за населението во Израел. Сепак, тоа не значи дека Иран не научи од овие два напади и дека третиот напад нема да биде поефективен, особено доколку Иран се координира за синхронизиран напад со Хезболах, Хамас и Хутите. Исто така, веројатно, Израел, САД и Британија научиле и ќе научат лекции од нападите на Иран кои ќе ги искористат да ја подобрат соработката и координацијата за одбрана од воздушни напади, смета соговорникот.

Запрашан дали е можна втора Украина, Илиев наведува дека Израел нема да стане втора Украина поради низа фактори. Објаснува дека Иран нема заедничка граница со Израел и Иран користи други субјекти за војување против Израел.

-САД има силно присуство во регионот, а стратешки сојузник на САД и противник на Иран е Саудиска Арабија. Соседните земји на Израел или соработуваат со Израел или се слаби држави кои немаат способност да војуваат против Израел. Либан е во голема финансиска криза и е земја која е ранлива, а Сирија не е опоравена од граѓанската војна. Израел има добри односи со Јордан и Египет, кои немаат интерес Иран да биде доминантен фактор во Западниот Брег и Газа. Затоа, сега не постои меѓународен контекст во кој Израел би бил воено поразен од Иран. Дополнително, Израел е способна да ги порази Хезболах, Сирија и Хамас. Затоа, Израел нема да прерасне во втора Украина, а овој конфликт треба да се перципира како конфликт кој има за цел да го дефокусира САД од Тајван и Украина и да создаде тензии во Европа, заклучува Илиев.

Иран го нападна Израел со речиси 200 балистички ракети истрелани врз Тел Авив, Ерусалим и Хаифа. Одбраната со помош на САД пресретнала десетици проектили. Нетанјаху се закани со одговор, вели – ракетниот напад на Иран не успеа. Во истовреме, ја засили копнената инвазија против Хезболах во Либан. Пешадиски и оклопни единици се придружуваат на операциите. Израелската одбрана извести за загинати војници.

„Овој напад не успеа, беше спречен благодарение на израелскиот систем за противвоздушна одбрана. Им благодарам и на САД за поддршката во нашите одбранбени напори. Иран направи голема грешка – и ќе плати за тоа“, изјави Бенјамин Нетанјаху, премиер на Израел.

„Иран нападна цивилни области и го загрози животот на многу цивили. Ќе одговориме, знаеме да лоцираме важни цели и знаеме да удриме прецизно и силно. Имаме способност да стигнеме и да удриме во која било точка на Блискиот Исток. Секој од нашите непријатели кој досега не го сфатил ова, наскоро ќе го разбере“, изјави Херзи Халеви, началникот на Генералштабот на израелските одбранбени сили.

Иран ги предупреди САД да не интервенираат во конфликтот. Ако Тел Авив ја повтори грешката и возврати, следниот удар ќе биде поразорен – предупреди Техеран. Ајатолахот Хамнеи вели дека присуството на американските и европските нации на Блискиот Исток е извор на конфликти, но не ги коментираше последните напади.

„Следниот пат, ако Израел направи нешто за да ја наруши нашата безбедност, можеме да ја нарушиме нивната безбедност. Дефинитивно ако сакаат да направат нешто погрешно, ќе добијат многу посилни одговори од она што беше демонстрирано синоќа“, изјави Масуд Пазешкијан, претседател на Иран.

Нападот на Иран е значајна ескалација – се огласи Вашингтон додавајќи дека ќе се произнесат за следните чекори во однос на одговорот. Реакции и осуди за растечкиот конфликт на Блискиот Исток пристигнаа и од Исток и од Запад.

„Војската на САД активно ја поддржа одбраната на Израел. И ние сè уште го проценуваме влијанието. Не правете грешка, Соединетите Американски Држави целосно го поддржуваат Израел“, изјави Џо Бајден, претседател на САД.

Советот за безбедност на ООН свика итна седница. Итен состанок и на групата Г-7. Во меѓувреме, шведската полиција соопшти дека било пукано во близина на израелската амбасада во Стокхолм. Властите во Данска пак, истражуваат две експлозии во близина на израелската амбасада во Копенхаген. Во нападот нема жртви.

Н.П.

Слични содржини