Дваесет и девет години по атентатот на претседателот Киро Глигоров истрагата против непознат сторител е сè уште отворена

од Илинка Илиоска
18 прегледи

На 3 октомври пред 29 години се случи атентат врз првиот претседател на независна Република Македонија, Киро Глигоров, кој, и покрај тешките повреди на главата, го преживеа нападот. Во овој инцидент, неговиот возач, Александар Спировски, загина, а телохранителот Илчо Теовски беше повреден. Како резултат на повредите, загина и случајниот минувач Христо Христоманов, додека Климе Коробар и Јован Атанасовски беа повредени.

Истрагата покажа дека атентатот бил внимателно планиран и организиран, но до денес не е  откриено кој стоел зад него. Постапката против непознат сторител продолжува.

Нападот се случи во 1995 година, кога автомобил-бомба експлодираше во 9:50 часот на улицата „Македонија“, пред хотелот „Бристол“, додека Глигоров со службеното возило се движеше од неговата резиденција до Собранието. Во автомобилот „цитроен ами 8“ беа сместени 20 килограми експлозив, активиран со далечински управувач во моментот кога возилото на Глигоров се приближуваше до зградата на Собранието. Пред експлозијата, службеното возило било забавено од едно „фиќо“.

За време на истрагата, беа претресени 30.850 возила, прегледани повеќе од 15.000 објекти и легитимирани 188.000 лица, од кои 19.000 беа подложени на претрес. МВР спроведе бројни информативни разговори со потенцијални осомничени, но сите тие беа пуштени по испитувањето.

Киро Глигоров беше на чело на државата од 1991 до 1999, односно два претседателски мандати. Тој за атентатот напиша и книга „Атентат-ден потоа“ која беше објавена во 2002 година.

Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година во возраст од 94 години.

Слични содржини