Инфлацијата во Турција продолжува да паѓа

од Vladimir Zorba
15 прегледи

Годишната инфлација во Турција дополнително забави на 49,4 отсто во септември, откако во август достигна 52 отсто, покажуваат официјалните податоци.

Во септември цените на производите за широка потрошувачка пораснале за речиси три отсто во однос на пред еден месец.

Септемвриската инфлација беше повисока од прогнозите на аналитичарите, кои очекуваа раст на цените на производите за широка потрошувачка за 48,1 отсто, објави француската новинска агенција АФП.

Според турскиот завод за статистика, на септемвриската годишна инфлација главно влијаеле повисоките цени на недвижностите, образованието и услугите во хотелите и рестораните.

Според податоците на Стопанската комора на Истанбул, само во најголемиот турски град Истанбул во септември цените на мало пораснале за 3,9 отсто на месечно ниво, а за 59,2 отсто на годишно ниво.

Во октомври 2022 година, годишната стапка на инфлација во Турција достигна 85 проценти. Во јуни минатата година забави на 38,2 отсто, по што растот на цените повторно забрза. Во мај годинава беше на 75 отсто, но во јуни повторно почна да паѓа.

Централната банка на Турција минатата година почна да ги зголемува каматните стапки за да се бори против растот на цените, на што претседателот Реџеп Таип Ердоган долго време се спротивставува.

Слични содржини