Кривичната пријава е злонамерна и политички мотивирана: Општина Карпош со остра реакција на обвинувањата

од Илинка Илиоска
55 прегледи

Општина Карпош се огласи со соопштение во врска со поднесената кривична пријава од страна на Одделот за криминалистичка полиција при Министерството за внатрешни работи (МВР). Кривичната пријава е поднесена против општината и петмина вработени во Секторот за урбанизам, како и едно правно лице од Скопје, под сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“.

Во своето соопштение, Општина Карпош категорично ја отфрли пријавата, сметајќи ја за „тенденциозна, злонамерна и политички мотивирана“. Според општината, предметот за легализација на спортските објекти на „Александар Палас“ бил разгледан со внимание и е решен согласно законските прописи.

„Легализацијата е законита затоа што за се’ што се издава одобрение за градба се врши легализација,“ тврдат од општината, додавајќи дека спортските објекти имале одобрение за градба од Министерството за транспорт и врски, кое само не било спроведено во катастарот.

Општината истакна дека спортските објекти, како што се тениските игралишта, биле изградени на територијата на Карпош во времето на Никола Груевски и за нив е издадено одобрение за градба.

„Во Општина Карпош работат квалитетни и искусни службеници кои совесно си ги вршат своите обврски. Убедени сме дека кривичната пријава ќе биде отфрлена како недопустлива, бидејќи надлежните општински органи правилно ги утврдиле фактите и извршиле легализација согласно законските прописи донесени од Владата на Никола Груевски,“ се наведува во соопштението.

Обвинителството, претходно, извести дека според нивните наоди, спортските објекти се времен карактер и не можат да бидат предмет на легализација.

„На тој начин му овозможиле на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист во износ од 147.341.700 денари,“ беше посочено во соопштението на МВР, додавајќи дека вработените во општината потпишале урбанистичка согласност и решение за утврдување на правен статус на бесправен објект.

Слични содржини