Таравари најави нови правила за враќање на докторите во јавните здравствени установи

од Илинка Илиоска
21 прегледи

На седница на Владата е симната забраната за докторите од приватните клиники да не можат да се вратат во јавното здравство и наскоро ќе може да се вратат, рече денеска министерот за здравство Арбен Таравари на прес-конференција.

„Имаше една забрана од Владата од август 2022, да не можат докторите од приватните клиники или болници да се вработат во државните. Пред три недели ја поминавме на Влада одлуката да се тргне таа забрана и сега во Министерството за здравство подготвуваме правилник. Тоа нема да важи за сите доктори, туку само докторите кои се специјалисти по одредена дејност и специјалисти фармацевти и специјалисти стоматолози, но само доколку директорот на Клиниката ни каже дека има потреба. Тоа да бидат кадри кои се докажани, кои во одреден период си заминале и сега гледаат некаква надеж во јавното здравство. Само кај мене се јавени околу 10 доктори кои се врвни стручњаци во нашата држава и кои полека почнуваме да ги враќаме“, рече Таравари.

Тој најави дека правилникот ќе биде готов за 10 дена. Тој денеска вети и дека ќе направи сè во координација со Министерството за финансии барем на половина од средно медицинскиот кадар кој работи со договор да биде вработен во јавните здравствени установи.

Според него, во здравството до сега имало околу 2.500 договорци, генерално среден медицински кадар, медицински сестри, болничари и хигиеничари, за што рече, дека од посетите на болниците му било укажано дека има посебен недостаток.

– Како Влада треба да се усогласиме со Министерството со финансии да видиме дали има ресурси. Јас сум со идеја барем на половина од овие, односно на 1.250  да им дадеме решенија. Директорите ќе кажат на кои, тие најдобро знаат кој вреди да продолжи и кој не е добро да продолжи, туку треба да најдеме подобар од него. Ми треба дефинитивна координација со министерката за финансии, ќе направам се што можам барем на половина да им дадеме решение и да можеме повторно да примиме нови договорци и недостатокот да го покриеме, изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања на прес конференцијата по повод 100 дена од новата Влада.

Проблемот со договорците, нагласи, не е проблем во една клинина или една болница туку генерално во сите јавни здравствени установи во државата.

Слични содржини