Јакимовски за легализацијата на тениските терени: МВР не ја познава материјата! Постапката е законска, ова е политички притисок

од Илинка Илиоска
26 прегледи

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска на прес-конференција ги демантираше тврдењата на Министерството за внатрешни работи (МВР) поврзани со легализацијата на тениските терени на „Александар Палас“. Според него, целата постапка е законски спроведена и нема правни пропусти. Тој ја оцени кривичната пријава од МВР како политички притисок насочен кон него пред претстојните локални избори.

„Ова е само обид политички да се влијае врз мене како градоначалник. Терените се легализирани според законските прописи и нема никакви неправилности“, изјави Јакимовски, нагласувајќи дека обвиненијата се насочени кон неговата функција, а не кон вработените.

Јакимовски појасни дека терените на „Александар Палас“ имаат одобрение за градба уште од 1999 година, кое е издадено од Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Според него, тие биле изградени според законски прописи, но поради непостапување во рок, не биле навремено впишани во Катастарот, па во 2016 година започнала постапка за нивна легализација.

„МВР не ја познава материјата. Терените не се времени објекти, како што тврдат. Тие имаат одобрение за градба и повторно се платени комуналии од 170.000 евра“, нагласи тој.

Јакимовски постави прашање зошто општината Карпош е единствената општина со проблеми во легализацијата, додека, според него, во други општини како Охрид, Велес и Тетово нема слични проблеми.

„Нема проблеми во Охрид, родниот град на министерот за транспорт и врски, нема проблеми во Велес, родниот град на министерот за внатрешни работи. Само во Карпош постојат овие обвинувања“, изјави тој.

Јакимовски повика на побрзо расчистување на случајот од страна на обвинителството и најави дека вработените во општината повеќе нема да работат на предмети за легализација сè додека не се докаже вистината за овој случај.

„Овие луѓе се професионалци кои си ја вршат работата одлично и не заслужуваат ваков третман“, нагласи тој.

Слични содржини