Исповед на славен Бразилец: „Се предозирав и бев буден седум дена со кокаин“

од Nikola Popovski
74 прегледи

Легендарниот бразилски напаѓач Марио Жардел, кој доминираше во европскиот фудбал кон крајот на минатиот и почетокот на овој век, откри шокантни детали од својот живот.

Тој раскажа за тежок период од животот во кој се препуштал на пороците.

Жардел порано играше како напаѓач, а беше страв и ужас за противничките одбрани и најпознат по позиционирањето на теренот и ударите со глава. Талентираниот Бразилец брзо го покажа својот талент во клубовите Васко де Гама и Гремио, а беше забележан и од челниците на Порто, каде што се пресели во 1996 година и остана до 2000 година. Во тој период постигна дури 170 голови.

Потоа се пресели во турски Галатасарај во трансфер вреден 16 милиони евра, а сите очекуваа да ја продолжи својата блескава кариера. Сепак, тој падна во пеколот на дрогата, а тоа отворено го призна во едно интервју пред неколку години.

„Се дрогирав, земав кокаин и паднав во депресија. Сосема случајно влегов во светот на дрогата. Кога ќе станеш успешен фудбалер има многу стапици, лажни пријателства и слично. Некои ми понудија лекови и почнав редовно да ги конзумирам“, изјавил Бразилецот.

Во разговор тој признал дека сите во Порто знаеле дека се дрогира, а најлошо било во 2002 година кога не отишол на СП со репрезентацијата.

„Се предозирав во 2002 година и бев буден седум дена со кокаин. За оние од вас кои ме гледаат, само за да знаете дека не е позитивен пример. Мислев дека ништо нема да ми се случи, дека се е во ред. Паднав на дното и ми требаше многу време да станам“, изјавил Жардел во емисија каде заплакал пред камерите.

Кога ја завршил кариерата, почнал се повеќе да се дрогира и на крајот банкротирал. Сепак, на крајот успеал да се извлече.

„Она што е важно е дека сум жив и што денес можам да ѝ кажам не на дрогата“, заклучил поранешниот најдобар стрелец во Европа.

Слични содржини