Тошковски: Пукањата и убиствата што денес ги гледаме се наследство од владеењето на СДСМ

од Nikola Popovski
42 прегледи

Разочаран сум од некрофилските обиди на СДСМ за манипулација на народот со обвинување за наводната неспособност на МВР во овие 100 дена и сметам дека истите се само очаен обид да го свртат вниманието од седумгодишниот хаос и уништувањето на безбедносниот систем што тие го оставија зад себе, порача министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски по обвинувањата на СДСМ по синоќешното пукање во скопски Чаир.

Првиот полицаец во државата посочува дека тврдењето на СДСМ дека за време на неговото раководење со МВР е расчистен само еден случај е целосно лажно и манипулативно, со цел да се дезинформираат граѓаните.

-Според официјалните бројки на МВР, во 2023 година имало 23 убиства од кои 2 нерасветлени, додека во 2024 година до месец октомври има 16 убиства, од кои исто така само 2 се нерасветлени. Овие податоци покажуваат дека ситуацијата не само што не е влошена, туку е и подобрена од аспект на намалување на бројот на убиства, наведува Тошковски и додава:

-Граѓаните многу добро знаат кој дозволи бандити да се пресметуваат по улиците на Скопје и кој стоеше зад најголемите скандали со кражба на оружје од полициските депоа и организирани напади врз полициски службеници во станиците. Наместо да се справат со организираниот криминал, тие соработуваа со него, оставајќи ги институциите немоќни да ги заштитат граѓаните.

Тошковски е дециден дека „пукањата и убиствата што денес ги гледаме се наследство од нивното владеење (СДСМ), кое дозволи полицијата да биде контролирана од криминалци, додека народот беше оставен незаштитен“.

Претходно од најголемата опозициска партија соопштија дека „секоја вечер по градовите има нови инциденти, пукања, насилство и криминал“, а последното е пукањето во Чаир. Според СДСМ, „ова сведочи за целосната неспособност на министерот за внатрешни работи, Тошковски, и раководството на ВМРО-ДПМНЕ“.

-Улиците ни се претворија во Див Запад. Дали Мицкоски ќе покаже храброст и ќе го повика Тошковски на одговорност, или повторно ќе застане во негова одбрана?, прашуваат од „Бихаќка“.

Слични содржини