Мицкоски најавува ваучери од 250 евра за електронски уреди за студентите

од Nikola Popovski
74 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски денеска порача дека Македонија е жива и „успеала да ја надмине просечноста на луѓето што ја воделе“. Според него, државата ги надминала пречките поставени од секој оној кој што се обидувал да ѝ наштети.

-Преку нас да живее Македонија и ние сите заедно со ваша помош како иднина, да направиме максимум од државата и да одиме напред. Сите ние оваа генерација сме биле млади и сме соочувале со проблеми и предизвици. Секако сме се промениле, но нашите идеали и мечти остануваат исти. Да живееме во држава која заслужува да се нарече држава, а не во паланка која се храни од безредија, корупција, тоне во неморал и безизлез. Ајде сите заедно да ги направиме заедничките соништа реалност. Да се обидеме и да се бориме и да бидеме пример, рече Мицкоски на 33-та годишна конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Премиерот е дециден дека „за Македонија да го живее 21-от век, треба да биде со идеите, темпото и работата во 22-от век“.

Mицкоски најави дека Владата со новиот Буџет кој што е во изработка, ќе подели ваучери во вредност од 250 евра за електронски уреди за сите студенти во државата.

-Владата ќе обезбеди и фонд од 10 милиони евра за развој на бизнисот за млади од 18 до 29 години, исто така со новиот Буџет. Веруваме во вашиот потенцијал и сакаме да останеме тука, за заеднички да ја развиваме татковината, кажа меѓу другото премиерот во своето обраќање.

Слични содржини