Со цел да се ублажат штетните емисии и загадувањето од сообраќајот, неколку земји и градови низ светот ги намалија цените на билетите за јавен превоз. Последна во низата е Португалија: оваа земја на Пиринејскиот Полуостров наскоро ќе воведе месечна карта за воз за само дваесет евра.
Новината наречена Зелена железничка карта ја најави во август годинава премиерот Луис Монтенегро, а минатата недела иницијативата беше одобрена од Советот на министри, пренесуваат медиумите.
Месечната пропусница ќе им овозможи на корисниците да патуваат на речиси сите градски, меѓуградски, регионални и меѓурегионални линии со кои управува државната железничка компанија Comboios de Portugal (CP).
Од друга страна, билетот нема да важи за брзите возови „Alfa Pendular“, ниту за други видови јавен превоз како што е метрото, ниту за градските возови во областите Лисабон и Порто.
Сепак, тоа не значи дека патниците кои ќе одлучат да купат нова месечна карта нема да постигнат значителни заштеди: за споредба, билетот за воз од втора класа од Лисабон до градот Коимбра моментално чини 21,3 евра.
Во документот што го виде португалската новинска агенција „Луса“, се наведува дека резервациите на седиштата ќе бидат задолжителни во возовите на долги релации најмалку 24 часа однапред. Корисниците на месечна пропусница ќе можат да резервираат две бесплатни седишта на две одделни патувања секој ден.
Според премиерот, ова е „инвестиција во луѓето, инвестиција во животната средина, инвестиција во иднината“, а иницијативата ќе биде дел од поширокиот план за мобилност чија цел е олеснување на користењето одржливи начини на транспорт.
„Оние кои живеат во Брага и сакаат да одат во Порто или Авеиро, оние кои живеат во Авеиро и сакаат да одат во Леирија или Лисабон, оние кои живеат во Леирија и сакаат да одат во Лисабон или Фаро, ќе имаат можност за дваесет евра месечно да ја искористат можноста да патуваат со португалската железница и да се движат наоколу додека ја штитат животната средина“, изјави претходно Луис Монтенегро.
Сепак, не сите го делат ентузијазмот на премиерот. Комисијата на работниците вработени во CP предупредува дека месечната пропусница ќе биде финансиска катастрофа за државното железничко претпријатие и открива дека нема капацитет да одговори на зголемената побарувачка.
Во наредниот период се очекуваат информации за тоа кој ќе може да ја користи месечната карта по намалена цена и кога точно ќе биде достапна.
Претходно беше планирано спроведувањето да започне пред крајот на септември, но „тој воз помина“. Владата неодамна најави дека ќе биде воведен пред крајот на годината по преговорите со CP со цел да се обезбеди ефикасно и безбедно спроведување на програмата со гарантиран квалитет на услугата.
Благодарение на месечната пропусница, во која, покрај регионалните возови, беа вклучени и автобуси и трамваи, Германија ги намали емисиите на јаглерод диоксид за речиси два милиони тони во текот на летото 2022 година, бидејќи, поради ниската цена, Германците масовно ги заменија своите автомобили со развиена мрежа за јавен превоз.
За едномесечно патување во Германија, од април минатата година, жителите треба да издвојат малку повеќе пари, 49 евра (и 29 евра во Берлин). Без разлика на ова „поскапување“ во однос на тримесечната акција, билетот всушност е поевтин отколку во нормални околности, па два месеца откако е воведен, е забележан пораст на бројот на патници во возовите.
Ова се смета за „најголемата реформа на јавниот транспорт во германската историја“, но останува прашањето дали е финансиски одржлива на долг рок, а цената на месечната карта веќе следната година ќе скокне за девет евра.