Косовската влада чека на Обвинителството за екстрадициите на осудените за „Монструм“

од Nikola Popovski
60 прегледи

Министерството за правда информира дека министерот Игор Филков остварил работна средба со министерката за правда на Република Косово, Албулена Хаџиу, во Приштина.

На средбата се разговарашло на повеќе теми кои се од интерес на двете држави. Биле разменети искуствата и добрите практики во реформските процеси, кои се движат во ист правец.

На средбата било дискутирано и за двете отворени прашања од интерес на двете земји. Разговарано било за случајот „Монструм“, за кој што од косовска страна било презентирано дека барањата за екстрадиција се процесуирани од страната на Јавното обвинителство и дека веднаш откако ќе биде донесено решение или ќе имаат конкретни информации за истото ќе го информираат Министерството за правда на Република Северна Македонија.

Во однос на нивните барања за случајот „Диво насеље“, министерот Филков посочил дека сите предмети се земени во работа и дека се постапува со нив согласно националното законодавство и сите меѓународни стандарди.

Кон крајот на месец јули, Филков информираше дека потпишал барање за екстрадиции за Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, кои се осудени за доживотен затвор за кривичното дело „тероризам“. Барањата се испратени до косовските колеги и се чека одговор. За останатите екстрадиции, меѓу кои и на порашениот премиер во бегство, Никола Груевски – ќе се чека да се создадат соодветни услови.

Северна Македонија на 15 март 2013 година за првпат побара екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ, но Косово го одби барањето. „Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година, потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана за двајцата на 05.09.2018 година“, вели Филков.

На 8 октомври 2021 година добиено е известување од Министерството за правда на Косово дека екстрадицијата за Исмаиловиќ се одбива, а за Демири нема одговор.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

На доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута.

Слични содржини