Бајден ја ублажи реториката: „Денес е црн ден за палестинскиот народ“

од Nikola Popovski
22 прегледи

Белата куќа објави изјава на американскиот претседател Џо Бајден по повод годишнината од нападот на 7 октомври предводен од страна на Хамас врз јужен Израел.

-Минатата година, на ден кој требаше да биде радосен еврејски празник, огреа сонце. До неговото зајдисонце, 7 октомври стана најсмртоносниот ден за еврејскиот народ по холокаустот. Денеска се одбележува една година на жалост за повеќе од 1.200 невини луѓе од сите возрасти, вклучително и 46 Американци, кои беа масакрирани од терористичката група Хамас во јужен Израел. Една година откако Хамас изврши ужасни акти на сексуално насилство.

Една година откако повеќе од 250 невини луѓе беа земени како заложници, меѓу кои и 12 Американци. Една година за преживеаните кои носат рани, видливи и невидливи, тоа никогаш нема да биде исто. И една година разорна војна. На оваа свечена годишнина да сведочиме за неискажливата бруталност од нападот на 7 октомври, но и за убавината на животите кои беа украдени тој ден, порачал американскиот претседател.

Бајден верува дека историјата ќе го памети 7-ми октомври и како црн ден за палестинскиот народ поради конфликтот што тој ден го започна Хамас.

-Премногу цивили претрпеа премногу за време на оваа година на конфликт – а десетици илјади беа убиени, а билансот е уште поголем бидејќи терористите се кријат и дејствуваат меѓу невините луѓе.

Нема да престанеме да работиме за постигнување договор за прекин на огнот во Газа што ќе ги врати заложниците дома, ќе дозволи зголемена хуманитарна помош за да се олесни страдањето на теренот, ќе се гарантира безбедноста на Израел и ќе се стави крај на оваа војна. Израелците и Палестинците заслужуваат да живеат во безбедност, достоинство и мир, соопштил американскиот претседател во заминување.

Бајден, во последните месеци од неговиот претседателски мандат, не го искористи влијанието на САД, како најголем снабдувач на оружје за Израел и дипломатски штит во ОН, врз израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

Слични содржини