ЦИКП, невладината на сопругата на советникот на Сиљановска Давкова, доделува грантови од норвешкото МНР

од Илинка Илиоска
112 прегледи

Невладината организација Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП), предводена од Марија Ристеска, сопругата на советникот за надворешна политика на претседателката Гордана Сиљановска Давкова, објави нов повик за доделување грантови за граѓански организации. Овој повик е дел од проектот „СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан,“ кој е финансиран од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.

Јавниот повик за грантови за национални интервенции е отворен до 21 октомври и е наменет за граѓански организации основани во Северна Македонија.

„Многу е важно што сè повеќе организации го препознаваат значењето на потенцијалот од поддршката од грантовите, а доказ за тоа е дека во С. Македонија, преку овој проект, се доделени осум оперативни грантови, четири грантови за национални интервенции, десет за локални иницијативи, два медиумски гранта и две креативни кутии. Во Северна Македонија ќе бидат доделени пет грантови, а преку овој повик, во сите шест држави ќе бидат доделени 33 грантови во износ од 700 000 евра. Зајакнувањето на капацитетите на организациите од граѓанското општество во регионот, преку подобрена соработка меѓу граѓанското општество и властите и преку градење на регионални партнерства на сите нивоа, за да се зголеми влијанието на граѓаните во процесот на донесување одлуки, ќе придонесе за потребната промена кон создавање инклузивни заедници на Западен Балкан, што ќе го промовира одржливиот развој на општествата“, истакна Бојана Крстевска, проектна координаторка на СМАРТ Балкан проектот, во официјалното соопштение.

Процесот на селекција на пристигнатите проектни апликации од јавниот повик, како што се наведува во соопштението, се очекува да заврши во декември, додека целосното доделување на грантовите е планирано до крајот на јануари 2025 година.

„Овој проект го имплементира конзорциум од три партнерски организации – Центарот за промоција на граѓанското општество (CPCD) од Босна и Херцеговина, Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) од Северна Македонија и Институтот за демократија и медијација (ИДМ) од Албанија, а проектот е финансиран од норвешкото Министерство за надворешни работи. Во рамките на целиот проект досега се доделени 202 гранта во износ од 8 225 000 евра,“ нагласуваат од Центарот за истражување и креирање политики.

„Локално“ претходно пишуваше за потенцијални конфликти на интереси, и ја отворија дебатата дали грантовите од клучните инвеститори за развој на Северна Македонија ќе бидат искористени за приватни интереси и контролирани од Вила Водно затоа што до неодамна Жидас Даскаловски беше претцедател на истата невладина организација. А, и претседателката на Северна Македонија, долги години и до неодамна била во стратешкиот советодавен одбор во ЦИКП.

И.И

Слични содржини