Менталното здравје не е луксуз, туку потреба и право на секој поединец

од Илинка Илиоска
45 прегледи

На плоштадот „Македонија“ во Скопје денеска беше одбележан Светскиот ден на менталното здравје, организиран од Универзитетската клиника за психијатрија со цел да ја подигне свеста за значењето на менталното здравје и да се поттикне отворениот разговор за оваа тема.

Директорката на Клиниката, д-р Славица Арсова, нагласи дека менталното здравје не треба да биде табу тема и дека е потребно луѓето да разговараат за него на отворени места, а не зад затворени врати.

„Менталното здравје не е луксуз, туку потреба и право на секој поединец. Не станува збор само за отсуство на болест, туку за чувство на радост, среќа и внатрешен мир,“ рече таа, истакнувајќи дека годинава темата се фокусира на менталното здравје на работното место.

Д-р Арсова предупреди и на синдромот на прегорување, потенцирајќи дека „не смееме да дозволиме да прегориме во текот на работниот процес и да ги истрошиме сите наши телесни и ментални сили.“ Според неа, важно е да се создадат поддржувачки меѓучовечки односи на работното место и да се негува тимскиот дух, каде колегите ќе си помагаат еден на друг.

На настанот присуствуваше и министерот за здравство, Арбен Таравари, кој најави нови активности во програмата на Министерството за идната година. „Менталното здравје порано беше табу, но денес станува сѐ поприфатливо да се зборува за него. Целта е колективно освестување и поддршка,“ изјави Таравари. Тој најави и вложувања во инфраструктурата и опремата на Клиниката за психијатрија, со цел да се подобри квалитетот на услугите за пациентите.

Асоцијацијата за здравствена едукација ХЕРА ги повика граѓаните да размислат за својата ментална благосостојба и ја истакна потребата за создавање средина каде сите ќе можат отворено да зборуваат за своите чувства. Од мај оваа година, ХЕРА отвори и Центар за советување и поддршка за момчиња и мажи, кој нуди бесплатни психолошки услуги.

Според извештајот на Институтот за јавно здравје, самоубиството е третата најчеста причина за смрт кај младите од 15 до 29 години на глобално ниво. Овој алармантен податок ја истакнува важноста од вложување во менталното здравје и подигнување на свеста за поддршка на ранливите категории во општеството.

Слични содржини