Бранителот на Љупчо Палевски, адвокатот Марјан Витановски е уверен и верува дека во неговата одбрана дека неговиот клиент е невин за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
-Верувам 100% и затоа сум тука бидејќи гледам дека другите адвокати се оградуваат. Ние негиравме вина уште во фаза на истрага пред да бидеме запознаени со доказите, но сега, кога сум запознаен, сметам дека постои можност, вака како што е поставено обвинението, нема да има можност преку таквите докази обвинетиот Палевски да биде поврзан со конкретните кривични дела, истакна Витановски пред Кривичниот суд во Скопје.
Адвокатот смета дека денешното сведочење на Зорица Ѓорчевска потврдило дека Палевски не може да се поврзе со убиствата и киднапирањата.
-Зорица Ѓорчевска не може да претпостави дали обвинетиот Палевски се знаел со нејзиниот сопруг Александар, додаде Витановски.
Денеска се одржа второто рочиште.
За грабнувањата и убиствата на Вања и Панче веќе се обвинети, покрај Палевски, и Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишов. Меѓу обвинетите е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товари за помагање во кривичното дело грабнување.
Малолетната Вања, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември минатата година, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче, кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.