Денеска почнува грејната сезона. Топли радијатори во домовите и деловните објекти треба да имаат сите кои се снабдуваат преку државната ЕСМ и топланите Скопје Север и Те-То. Компаниите со апел до потрошувачите да ги отстранат дефектите.
Грејната сезона календарски трае до 15-ти април. Но, доколку има услови, односно ако тој период температурите се ниски, регулаторот решава уште колку време ќе се испорачува топлинска енергија.
Во Скопје централното градско парно го користат околу 60 илјади домаќинства.
За осумте училишта во Карпош, грејната сезона ќе почне подоцна, затоа што како што вели градоначалниот Стевче Јакимовски, Владата им должи над 8 милиони денари за парно. Јакимовски ги повика да се платат долговите.
Градоначалникот нагласи дека минатата година за децата да не останат без греење, општината издвои 6 милиони денари за оваа намена затоа што исто така Владата не сакаше да ги плати сметките. Тој се чуди, како централната власт си дозволува да одвои 36 милиони евра за споменикот на Мајка Тереза, но нема пари да си ги плати основните трошоци за да функционираат основните училишта.
„На барање на Општина Карпош испораката на топлинска енергија нема да започне на 15-ти октомври, туку од 1-ви ноември за сите основни општински училишта на територија на општината што ги користат услугите на „ЕСМ Снабдување со топлина“, велат од ЕСМ.
Од ЕСМ велат дека во дел од објектите сè уште има дефекти во внатрешната инсталација, нема пристап до топлинските станици или топлинските станици немаат електрично напојување. Според податоците на ЕСМ, околу 170 објекти во Скопје моментално се затворени.