Мора да му се заблагодарам на рускиот претседател Владимир Путин, кој со својата безмилосна агресија „ги разбуди и најскептичните и ги натера да ја согледаат реалноста“ дека Западниот Балкан е потребен за обезбедување на силна констелација на Европската унија, изјави денеска во Луксембург албанскиот премиер Еди Рама пред почетокот на Втората меѓувладина конференција ЕУ-Албанија. Со што Тирана практично ги започнува пристапните преговори по кластери, што подразбира отворање на кластерот „Основни вредности“
– Албанија конечно седи како рамноправен партнер на масата на земјите членки на Европската Унија, нагласи Рама.
Тој додаде дека од првиот ден откако го „напушти пеколот на најизолирана комунистичка земја во Европа – Северна Кореја во срцето на Европа“, Албанија е посветена на членството во ЕУ.
– И покрај различните расположенија и различните нивоа на посветеност или на скептицизам кон проширувањето, ние никогаш не се поколебавме затоа што за нас Европската Унија и Европа се единственото место каде што треба да бидеме и единственото место за живот на нашите идни генерации. Така што, овој момент е посебен, истакна Рама.
Албанскиот премиер истакна дека за членство во ЕУ не е доволно само да се подигне европскиот дух, туку треба да се работи на промена на реалноста во земјата, со цел да се обезбеди дека се ќе функционира согласно Уставот.
– Тоа домашна задача претставува планина што треба да се премине и веќе планинариме со многу јасни идеи и многу силна волја да го оствариме тоа што треба да се оствари, додаде Рама.
Кластерот „Основни вредности“ опфаќа сет на поглавја поврзани со фундаменталните реформи, од чие спроведување ќе зависи целокупното темпо на преговарачкиот процес и почетокот на преговорите по другите кластери. Преговорите по овој кластер се отвораат први, а се затвораат последни.
Тој вклучува три критериуми – функционирање на демократските институции, реформа на јавната администрација и економски критериуми и пет поглавја – Судство и основните права, Правдата, слобода и безбедност, Јавните набавки и Статистика и финансиска контрола.