Филипче: СДСМ не ја поддржува Албанската академија, ВМРО-ДПМНЕ ја одмолчува идејата

од Nikola Popovski
110 прегледи

Загрижен сум и категорично се спротивставувам на идејата за формирање на паралелна нова Академија за науки и уметности. Преседан е создавање на “етнички чисти” институции, а оваа иста идеја недвосмислено беше и претходно отфрлена од актуелните академици, објави утрово лидерот на СДСМ, Венко Филипче.

Дециден е дека СДСМ нема да поддржи никаков паралелизам во институциите.

-Науката не смее да се етнизира на ниеден начин и во ниеден случај. За СДСМ и за мене како претседател ова е тенденциозна политичка порака која им служи единствено на намерите за поттикнување на поделби кои носат огромна штета за граѓаните и општеството, посочи Филипче.

Лидерот на СДСМ жали што оваа идеја, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ ја одмолчува, а со тоа и ја одобрува.

-СДСМ со сите расположливи механизми ќе се спротистави во општините кои треба да го финансираат овој проект, категоричен е Филипче.

Општините со кои раководат кадри на коалицијата ВЛЕН ќе ја финансираат албанската Академија на науките и уметностите во земјава, кој очекуваат да добие и институционална форма.

Претседателот на Движењето Беса и дел од коалицијата ВЛЕН, Биљал Касами вчера на прес-конференција порача дека како коалиција работат на законско решение со нивните пратеници, а во исто време и со владините партнери за овој проект да добие решение што е можно поскоро.

„Денес, Албанците од Северна Македонија, каде што веќе имаат основано три универзитети со настава на албански јазик, имаат потреба или е време и момент да имаат застапеност на академско ниво, а ние ќе се ангажираме политички за да биде тоа можно еден ден“, рекол Касами.

Претходно, челниците на ВЛЕН порачаа дека Албанската академија првично ќе ја финансираат четирите општини кои ги предводат кадрите на оваа коалиција, а имаат намера во иднина оваа институција да се издигне на државно ниво и да се финансира од државата.

Пред три месеци, академици, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, но и СДСМ и ДУИ ја отфрлија идејата со државни пари да финансира Албанска академија, која треба да биде пандан на МАНУ. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш изјави дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ за тоа прашање е јасен, односно дека има македонска Академија на науките и уметностите и во рамките на Академијата се собрани научната мисла, научниците од различна етничка припадност.

Слични содржини