Министерот за правда, Игор Филков смета дека претходниот министер во неговиот сегашен ресор, Кренар Лога покажал одредена нервоза преку вчерашната реакција.
-Се што имав да кажам за работата на мојот претходник кажав вчера и стојам позади тоа. Ја разбирам неговата нервоза, но понатамошниот дијалог ќе се одвива преку надлежните органи, кажа денеска кратко Филков.
Филков вчера обелодени дека пред да замине од функцијата, Лога од кабинетот во Министерството со себе го зел класифицираниот документот со препораките за Судскиот совет изработен од Оценската мисија на Европската комисија. Во тек е постапка за случајот и ќе се бара одговорност. Сепак во наредните месеци претстојат законски измени во Законот за Судски совет и Јавни обвинители-најавува министерот.
Лога со реакција за наводите на Филков.
-Писмото од Оценската мисија е добиено по електронски пат, исто како што го добија и вицепремиерот Маричиќ, претседателот на Судски совет, Сашко Георгиев и други. Еден дел од писмото беше наменет за јавноста, додека другиот беше класифициран само за министерот. Тоа писмо е архивирано од службено лице во Министерството кое ракува со доверливи материјали. Истото писмо, со дозвола на мисијата, е споделено и со работната група, односно со претседателот академик Владо Камбовск, се вели во писмената реакција на екс-министерот.
-Се вратив два дена по неговиот избор, на 26-ти, и неколку пати го барав г. Филков на телефон и преку СМС пораки, а потоа и преку кабинетот. Бев информиран дека тој ќе ме побара, но, за негова несреќа, сè уште е затворен во својот кабинет од својата шефица на кабинетот, која не му дозволува да комуницира.
За трагикомедијата да биде поголема, тој сè уште продолжува да молчи. За сите тие важни теми тој нема став, повторува една банална реченица “и премиерот е право и меѓународните сојузници се у право” се крие од јавноста и чека писмен одговор од г-ѓа Радица, наведе Лога на својот Фејсбук профил.
Во првите 100 дена од преземање на функцијата министерот Филков информираше дека поништена е одлуката на претходната Влада за десеткратното зголемување на нотарската тарифа, подготвени се законски измени на Законот за бесплатна правна помош, а претстојат и измени во Законот за кривична постапка како и измени во однос на старосната граница за пензионирање на судиите.
Покрај тоа, целосно е и имплементиран системот ФЕМИДА за аудио и видеоснимање на судските процеси. Министерот за правда информираше и за долговите кој ги оставил неговиот претходник. Меѓу другото и скоро еден милион денари за чадори, чаши и маици.