Понекогаш е подобро човек да премолчи некои работи, попаметен ќе биде, изјави кратко премиерот Христијан Мицкоски откако беше запрашан за реакција на вчерашното соопштение на Град Скопје дека предводи „ментално секташка Влада откако градската власт не доби финансиски средства од унгарскиот кредит за ниту еден проект.
Премиерот исто така порача дека „не очекува нешто паметно и од СДСМ“.
Според него, сите проекти ги гледаат граѓаните како се реализираат и како „се фрлаат лопати како почеток на изградба на проект и се сече лента за завршување на некој проект“.
-Крадеа и лажат. Имаа можност да покажат карактер и проекти, но единствено само ја зголемија големината на нивниот личен паричник. За само три месеци имаме 3 милијарди денари повеќе во Царината, во споредба со претходната година. Тие ќе продолжуваат да си зборуваат, а ние со реализација на проекти, рече Мицкоски за критиките од најголемата опозициска партија околу распределбата на парите за проектите на општините.
Вчера од Кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска излегоа со соопштение, во кое меѓу другото порачаа дека „одлуката на Владата на Р.Македонија да не додели средства за проектите за кои аплицираше градот Скопје уште еднаш ја потврдува секташката ментална состојба на владата предводена од Христијан Мицкоски“.
-Со оваа одлука докажа дека неговата суета е поважна од било која потреба на граѓаните, а со неистомислениците се пресметува со сегрегација и политички прогон, докажувајќи дека нема никаков демократски ни лидерски капацитет, посочија од градската локална власт.