Христовски бил подлежен на хајка и мобинг од партиските кадри на СДСМ, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ

од Nikola Popovski
50 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ го вперува прстот во СДСМ со состојбите во Агенцијата за национална безбедност. Од најголемата владеачка партија велат дека токму СДСМ ги партизирала токму АНБ, но и Агенцијата за разузнавање (АР) и Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), со поставување на партиски кадри.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски истакна дека Виктор Димовски бил член на ИО на СДСМ и член на нивните комисии.

-Во АР СДС го има поставено Еролд Муслиу, кој во ек на најголема власт на СДС ги следеше функционерите на ВМРО-ДПМНЕ злоупотребувајќи ја службата. Муслиу правеше хајки против ВМРО-ДПМНЕ, а од Агенцијата за разузнавање направи партиски штаб на СДС, рече Петрушевски на прес-конференција.

Тој додал дека Христовски е лице кое како „професионалец бил подлежен на хајка и мобинг од партиските кадри на СДСМ исто како и сите останати професионалци во службите“.

Претходно од партијата на Венко Филипче соопштија дека Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Од партијата во опозиција наведуваат дека Христовски имал, како што велат, загрижувачки објави кои покажуваат какви се неговите скриени намери.

-Еве ја таа објава. На 1 септември оваа година Христовски ќе напише, цитирам „Нека е честит петтиот и последен роденден на Агенцијата за национална безбедност!“ Се поставува прашањето дали Христовски по партиски налог всушност ќе работи за уништување на АНБ, прашуваат од „Бихаќка“, при што побараа да биде разрешен од новата функција во безбедносниот сектор и поставување на нов човек.

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрла обвинувањата за политизација на АНБ. Не гледа проблем во назначувањето на Христовски за нов директор, за кого рече дека во минатото му била нанесена неправда. Христовски доаѓа на местото на Зарко Милошевски, кој беше разрешен на последната владина седница.

„Кога се трансформираше УБК во АНБ и се правеше селекција, имаше поранешни високи структури во АР, УБК и АНБ коишто ги профилираа луѓето и врз основа на тоа гледаа како да им наштетат преку лажни вести, клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во коишто работат. Нормално откако таа неправда му беше нанесена на Христовски и не му беше даден безбедносниот сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството на АР, за што јавноста многу набрзо ќе биде запознаена. Таа грешка се исправи, Христовски доби безбедносен сертификат и не гледам причина зошто човекот којшто го поминува речиси целиот работен век во безбедносниот сектор, да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ“, изјави Мицкоски.

Христовски во минатото бил дел од некогашната УБК, институцијата одговорна за масовното нелегално прислушување, но при нејзината трансформација во АНБ тој не го поминал процесот на ветинг.

Именувањето нов директор на АНБ доаѓа во чувствителен период – од една страна се случувањата во регионот и пошироко, војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток, а од друга се најавите на владата за реформа на разузнавачкиот сектор со спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање, нешто што стои во владината програма.

Слични содржини