Јотова: Лично ги видов документите на Божиновска со кои наведува дека има бугарска самосвест

од Nikola Popovski
50 прегледи

Бугарската потпретседателка Илијана Јотова вчера го коментирала и случајот со бугарското државјанство на министерката за енергетика, Сања Божиновска. Вели дека „лично ги видела нејзините документи и декларација, лично потпишани од неа, во кои таа наведува дека има бугарска самосвест и потекло“. Ова го кажа Јотова на настан во Ќустендил под нејзино покровителство, со наслов „Бугарите на Балканот надвор од границите по 1878 година. Кодекс на опстанок“, на кој учествувале претставници на бугарските заедници од Македонија, Албанија, Грција, Косово, Романија, Турција и Србија.

Јотова ги повика и своите македонски колеги со поголемо разбирање да ги читаат европските вредности.

Пред десетина дена, бугарската новинска агенција БГНЕС објави дека целото семејство на Божиновска имаат бугарско државјанство. Според тамошниот медиум, „таткото Перо, мајката Виолета и братот Даниел, како и самата Божиновска се носители на бугарски пасош“.

Според „експерти од Министерството за правда во Софија“ на кои се повикува БГНЕС, постапката за откажување од бугарско државјанство не завршува со поднесувањето барање. Оттаму потсетуваат дека добивањето бугарско државјанство се заснова на доставени документи за бугарско потекло и лична пријава за присуство на бугарска самосвест кај кандидатот, пишува бугарскиот медиум.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев застана во одбрана на македонската министерка за енергетика. Тој пред осум дена во објава на социјалните мрежи замери дека „Божиновска се соочува со јавен линч во Македонија бидејќи е Бугарка“.

-Таа и нејзиното семејство, заедно со над 150.000 други граѓани на РСМ, стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско етничко потекло и изјавиле дека се чувствуваат како Бугари. Покрај Сања Божиновска, има и десетици актуелни или поранешни премиери, министри и заменици кои самите или нивните семејства се во иста ситуација на најголемиот прекршок – да се Бугари. Очигледно е дека за да ги задржат своите функции и кариери, тие се принудени да ја кријат својата бугарска самосвест и потекло, а често дури и да ја клеветат Бугарија само за да не бидат осомничени дека се Бугари. Без да ги оправдам за ова, донекаде ги разбирам – тие само се обидуваат да преживеат по цена на се. Иако формално на високи позиции, и тие, како и другите десетици илјади Бугари таму, се жртви на антибугарската пропаганда и омраза, останати од времето на комунизмот и Титова Југославија, а кои денес станаа главни државната идеологија и политика, објави Ковачев на својот официјален Фејсбук профил.

Европратеникот ги повика „бугарските власти и институции да ги заштитат правата и честа на Божиновска, нејзиното семејство и сите други граѓани на РСМ кои се дрзнале да го признаат своето бугарско потекло и да се изјаснат како Бугари“.

Откако беше прозвана за нејзиното бугарско државјанство, министерката неодамна на социјалните мрежи објави дека „е родена во Скопје, Македонка сум и секогаш ќе бидам Македонка“. Додаде дека „сите други зајадливи коментари, чудни прашања и погрешно толкувани одговори ќе ги разберам и прифатам како цена на моето скромно и мало политичко искуство“.

Во својата објава на Фејсбук истакна дека не се вратила дома за да се меша во политички игри, туку за да го вложи знаењето и искуството во енергетиката како специфична и тешка проблематика.

На последната прес-конференција одржана на почетокот на октомври од страна на министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, Божиновска рече дека поседува македонско и чешко државјанство откако беше запрашана од новинар дали се уште поседува бугарско државјанство. Таа притоа го праша новинарот „дали (таквото прашање) е релевантно за отчетот за енергетика“ за изминатите 100 дена од Владата.

Беше запрашана и дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.

-Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам, одговори Божиновска.

Слични содржини