Од денес вакцинација против сезонски грип

од Nikola Popovski
42 прегледи

Од денеска почнува вакцинацијата против сезонски грип. Од Министерството за здравство информираа дека досега се пријавиле 33 илјади граѓани, а право на бесплатна вакцина имаат ризичните групи, повозрасните лица над 65 години, лицата со хронични заболувања, здравствените работници, бремените жени, децата на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во установи за социјална заштита на стари лица.

Вакцинацијата ќе се спроведува на 36 локации во целата држава, а сите пријавени ќе добијат смс-порака за датумот, точното време и каде да дојдат за вакцинација.

Во Скопје заинтересираните ќе можат да се вакцинираат во 5 установи: Центарот за јавно здравје, поликлиниките Букурешт, Идадија и Бит Пазар, а здравствените работници и во Институтот за јавно здравје.

„Предвидено е вакцинацијата да почне во текот на следната недела. Набавени се 70.000 дози четиритипна вакцина против сезонски грип. Министерството континуирано го зголемува бројот на обезбедени вакцини.  Потсетуваме дека пријавувањето се врши со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: Министерство за здравство – Вакцинација против COVID-19 (vakcinacija.mk). На тој начин, директно се регистрирате за вакцинација во системот Мој Термин. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, преку смс ќе добиете повратна информација за точниот датум, час и место кога треба да се вакцинирате“, посочија од Министерството за здравство минатата недела.

Слични содржини