Од нивната лакомост да злоупотребуваат и партизираат не ги поштедија ни едни од најклучните институции, кои се столбовите за државната безбедност, меѓу кои и Агенцијата за национална безбедност (АНБ). Поранешниот директор на АНБ назначен, Виктор Димовски беше долгогодишен партиски функционер и тоа на највисоките тела на СДС, меѓу кои на нивниот Извршен одбор, велат од ВМРО-ДПМНЕ за претходното раководство на АНБ, предводено од кадри кои беа назначени од тогашната Влада.
Во прилог на соопштението, од партијата на Христијан Мицкоски објавија и фотографии на кои се гледа дека Димовски во присуство на останатите членови на ИО на СДС.
-Од фотографиите во прилог можеме да видиме дека освен во ИО, Димовски беше член и на нивниот Дипломатскиот совет. Партиските ангажмани на Виктор Димовски не завршуваат тука, тој учествуваше и во креирањето на политиките на СДС кој учествувал на јавни настани и на партиски дебати, наведуваат од најголемата владеачка партија.
Во партиското соопштение стои и дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е одлучна да ја врати довербата на граѓаните во институции и затоа приоритет е стручноста, професионалноста и компететнтноста на кадрите.
Ваквата реакција следува по критиките дека Бојан Христовски беше именуван за директор на АНБ на владината седница на 16 октомври. Тој на позицијата го наследи Зарко Милошевски, кому не му беше истечен четиригодишниот мандат.
Од опозицискиот СДСМ силно негодуваат за именувањето на Христовски оценувајќи го за чекор кон целосна партизација на институциите. Повикаа Владата итно да го преиспита овој свој чекор и да го повлече Христовски од функцијата директор на Агенцијата за национална безбедност. Отвораат сомнежи за тоа дали Христовски ги исполнува законските услови за да биде на таа позиција.
-Христовски го има на слики во речиси сите партиски штабови на ДПМНЕ во Скопје. Може да се види многу гордо со Мицкоски, со Силјановска, и како ревносно ги пропагира политиките на неговата партија, рекоа од СДСМ.
Христовски, пак информира дека ги поседувал сите безбедносни сертфикати, до сертификатот „Државна тајна“ до 2019 година. Во емисијата „Код“, тој посочи дека во тоа време поради политичка хајка не му бил продолжен новиот безбедносен сертификат.
-По моето повторно вработување во МВР во 2023 година, аплицирав за безбедносен сертфикат од степен „строго доверливо“ и за експресно брзо време го добив. Со моето доаѓање во АНБ, веднаш отпочнав постапка за побарување и добивање на највисокиот степен на квалификација „Државна тајна“, согласно потребите на работното место. Безбедосната проверка за директорската позиција беше извршена за време на моето работење во МВР, кажа новиот прв човек на АНБ.
Тој најави дека од првиот ден во АНБ започнува со иницијатива за воведување на редовно полиграфско тестирање на вработените во Агенцијата и нема да ги чека надзорните тела како надлежната собраниска Комисија, Обвинителството, Врховниот суд, Народниот правобранител…да побараат влез и проверка на работата во АНБ, туку јавно ги повикува уште „денес да дојдат во просториите на Агенцијата“.