Се уште не е решен проблемот со парното во училиштата во Карпош – Јаневска деновиве ќе се сретне со Јакимовски

од Nikola Popovski
14 прегледи

Министерката за образование, Весна Јаневска денеска информира дека се уште не е надминат проблемот со парното греење во училиштата на територијата на општина Карпош. Сепак, најавена е средба во наредните денови со градоначалникот Стевче Јакимовски.

Јаневска жали што веќе се искористени блок-дотациите за оваа година. Според неа, општина Карпош добила 18 милиони денари повеќе.

-Се надевам дека ќе изнајдеме некое решение со градоначалникот, со негови поголеми услуги отколку од МОН. За буџетот следната година планираме повеќе средства, не само за Карпош, туку и за други кои се во слична ситуација, кажа Весна Јаневска во изјава за новинарите.

Од „ЕСМ – снабдување со топлина“ информираа дека грејната сезона во училиштата во Карпош ќе почне на 1 ноември и оти тоа е на барање на Општината. Јакимовски веќе побара од министерката за образование и наука да му даде образложение како да ги менаџира средствата што се префрлаат како блок-дотации за да успее да го плати долгот што основните училишта го имаат кон „ЕСМ – снабдување со топлина“. Долгот изнесува над 8 милиони денари.

Слични содржини