Американскиот помошник државен секретар за Европа и Азија Џејмс О’Брајан, за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека САД сакаат Србија и Косово да се движат во правец кон Европа. Тој во интервју за РТС нагласи и дека сака да ги почитува сите договори и нивните одредби постигнати за време на дијалогот меѓу Белград и Приштина, но дека не знае кога ќе се формира Заедницата на општините со српско мнозинство (ЗСО) на Косово.
Тој посочи и дека целта е да се разговара за практични работи, како да се забрза протокот на стоки и да се отворат сите гранични премини.
„Отворањето на преминот е успешно. Сегашниот метеж на границите е резултат на големиот проток на сообраќај, што е добро. Овие гужви треба да се решат со текот на времето со пренасочување на сообраќајот на други премини“, изјави О’Брајан за РТС.
Американскиот дипломат Џејмс О’Брајан изјави и дека има последици за Косово поради дејствија кои не биле координирани со САД.
„Најголемата последица е што земјите од Европа не гласаа за приклучување кон нивните институции (Советот на Европа). Косово заостанува зад другите балкански држави. Сето ова се случува затоа што Приштина презема некоординирани акции“, рече О’Брајан.
Зборувајќи за евроинтеграциите, тој рече дека САД сакаат сите земји од Западен Балкан да се движат кон Европската Унија.
„Србија е најголемата економија и регионот нема да може да напредува ако Србија не биде интегрирана. Старите конфликти можат само да ја задржат Србија на тој пат“, рече О’Брајан.
Претходно, на 20 октомври тој се сретна со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и рече дека разговарале за билатералната соработка на полето на безбедноста и одбраната.