Македонија наскоро ќе го отвори првиот кластер со Европската Унија, оптимист е министерот за здравство и еден од лидерите на „ВЛЕН“, Арбен Таравари. На прашањето што е основата на зголемениот оптимизам на премиерот Христијан Мицкоски за eвропскиот пат, особено по последниот самит во рамките на Берлинскиот процес, Таравари вели дека имале краток разговор на оваа тема, но остава да се соопштат деталите од премиерот.
-Она што ме радува е што тој е ориентиран кон Европа и сака Македонија што поскоро да ги започне преговорите, но, се разбира, како премиер, тој сака некои гаранции дека немаме други пречки. Нам како држава ни се случува во 2018 година да ни ветат дека ќе ги започнеме преговорите, да направиме одредени отстапки како држава и да не ги започнеме. Јас сум еден од ретките оптимисти и продолжувам да мислам дека Македонија многу брзо ќе ги започне преговорите со ЕУ, изјавил Таравари за емисијата „360 степени“.
Запрашан колку тоа има врска со купувањето време и обидот да се ублажи ударот на тоа што Албанија ги отвори преговарачките поглавја, а земјата не, Таравари одговарил дека има шанси преговорите со ЕУ да одат паралелно, иако Албанија е чекор понапред од Македонија.
-Не е добро што се разделивме, но добро е што почнаа. Албанија не мора да остане со нас, иако мислам дека пречката за Албанија беше вештачка. Ги држеа додека да завршат изборите тука. Премиерот Рама беше многу коректен за Македонија, дека навистина и Македонија заслужува да започне преговори. И тој беше лидер во тоа време, дури од 2008 година има позитивни препораки од ЕУ и секогаш има пречка. Сепак, мислам дека не се работи за купување време, ни треба моментум, ни треба некаква гаранција за државата и за почеток на преговорите.
Се надевам дека преговорите со Албанија ќе се одвиваат паралелно, јас сум голем оптимист за ова и сепак мислам дека сите земји од Западен Балкан истовремено ќе влезат во ЕУ, додал Таравари.
За шесте месеци во кои коалицијата ВЛЕН очекува владин план за надминување на ќорсокакот, Таравари е оптимист, додавајќи дека нагласениот период изминува на крајот на годината.
-Ставот на ВЛЕН е дека првите шест месеци се за адаптирање и синхронизација на Владата и дека ни треба период додека да се види ситуацијата и во околните држави, конкретно во Бугарија има избори, па да очекуваме стабилна влада евентуално, иако сум скептик. Меѓутоа, после тоа треба да имаме акциски план и да знаеме како тоа ќе се реши и што ќе се направи. Јас сум оптимист, до Нова година се шест месеци на Владата, јас сум оптимист, камо среќа и да започнеме со процедурата на преговорите со ЕУ, истакнал еден од лидерите на ВЛЕН.