Оние кои сонуваат за ретка колекција на автомобили Aston Martin дизајнирани од Zagato, а имаат доволно длабоки џебови, сега можат да го остварат својот сон.
Aston Martin Works објави продажба на четири ретки модели на Zagato, а целна група се богатите колекционери со „скап вкус“.
Колекцијата е во приватна сопственост и се состои од модели на Aston Martin Vanquish Zagato во варијанти Volante, Shooting Brake и Speedster, додека ним им се придружува и поновиот и уште поредок DBS GT Zagato. Ова значи дека недостасува само оригиналниот Vanquish Zagato Coupe за да се комплетира една од најретките колекции на специјалните производи на Zagato.
Vanquish Zagato Volante и Shooting Brake беа произведени во 99 примероци (секој), додека Speedster беше создаден во 28 примероци. Сепак, најредок е DBS GT Zagato со само 19 произведени примероци.
Интересно, сопственикот на моделот DBS GT Zagato го одвои од класичниот модел DB4 GT Zagato Continuation, кој доаѓа со него како дел од DBZ Container Collection. Дуото чинеше 6 милиони фунти пред оданочување, но вредноста би можела да биде поголема доколку се продава одделно.
Семејството Vanquish Zagato се заснова на платформата на претходната генерација на моделот Vanquish, која се произведуваше помеѓу 2012 и 2018 година. Под хаубата се наоѓа атмосферски V12 мотор, кој развива 600 КС.
DBS GT Zagato е базиран на поновиот модел Aston Martin DBS Superleggera, а го придвижува помоќниот твин-турбо V12 мотор со 760 КС.
Aston Martin Works, одделот за наследство на марката, не објави цена за специјалната колекција со четири автомобили, но се очекува победничката понуда да биде во милиони. Автомобилите се наоѓаат во Велика Британија.