Општина Струмица се откажа од членството во ЗЕЛС

од Nikola Popovski
17 прегледи

Општина Струмица од денеска се откажува од членството во Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Напуштањето на ЗЕЛС е во знак на револт заради, како што велат, индиферентниот однос кон Струмица и нејзините граѓани во периодот кога тие се соочуваат со еден од најголемите предизвици – водата за пиење, којашто претставува основен елемент на животот, но и заради истиот однос по одбивањето од Владата на единствениот проект од Струмица за реализација со средства од унгарскиот кредит.

-Општина Струмица како институција не е удостоена со ниедна писмена одлука од Владата и нејзините институции, за нив дознаваме од медиумите. Заради сето ова, го напуштаме ЗЕЛС, а членството ќе важи исклучиво за законските ингеренции на ЗЕЛС во однос на системите на општините, за се друго сме надвор од ЗЕЛС, велат од општината преку соопштение.

Според Статутот на ЗЕЛС, оваа заедница ги застапува и брани интересите на своите членови пред Претседателот на Републиката, Собранието и Владата, министерствата и други институции во чија надлежност се работите од областа на локалната самоуправа.

-Но, досега од појавувањето на проблемот со водата од 27.09.2024 година, ЗЕЛС не покажа апсолутно никаков интерес, иако е сведок дека надлежните државни институции, пред се Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство под чија надлежност е браната Турија од која Струмица и 6 населени места се снабдуваат со вода за пиење, не мрдна со малиот прст, напротив, преку Агенцијата за храна и ветерина со анализите и резултатите од нив, си игра мајтап со струмичани.

Ова е еден од најголемите скандали во Европа за повреда на човековите права и уставните права и слободи. Во заштита и интерес на моите сограѓани за нивното најголемо богатство – здравјето, ќе продолжам да се борам со сите сили и расположливи средства, потврдувајќи по кој знае кој пат дека тие ми се НАЈАВАЖНИ и за нив компромиси нема да има. Јас како Градоначалник, Општина Струмица, менаџерскиот тим и вработените во ЈПКД „Комуналец” ќе продолжиме со нашата упорност во докажувањето на вистината дека водата е исправна и микробилошки и по хемиско физичкиот состав.

Срамно и жално е да се тера политика врз здравјето на граѓаните на општина Струмица, срамно е да се јадат печени костени во Ново Село, а да не се покаже никаков интерес за најголемиот предизвик со којшто се соочува Струмица и нејзините граѓани.

Но, ние во Струмица сме познати по издржливоста во неправдите од власта предводена од ВМРО ДПМНЕ, ќе издржиме и сега и ќе излеземе победници од оваа скоро едномесечна голгота низ која минуваме во остварувањето на правото на чиста вода за пиење, стои во ставот на општината предводена од градоначалникот Костадин Костадинов.

Слични содржини